ПЦР тестирањето не е прикриена програма за вакцинација
Тестот за детекција на коронавирусот не е назална вакцина и со него не се врши присилна вакцинација. Всушност, вакцините не функционираат на таков начин и нема никаква теоретска можност да се вакцинирате преку брис од нос и грло.Тестирањето, пак, игра клучна улога при справувањето со пандемијата бидејќи заразените лица кои навремено ќе се тестираат и самоизолираат не го шират вирусот на други луѓе.
ПЦР тестот не е неточен и не е судски дискредитиран
Во објавата се тврди дека судски е потврдено оти ПЦР тестот е неточен при детектирање на коронавирусот. За вакво ударно и драматично тврдење не може да се најде никаква потврда или доказ. Пребарувањата на Гугл за ваква судска одлука не даваат резултати ниту на македонски јазик, ниту на англиски јазик. Да е навистина донесена ваква судска одлука тоа ќе го објавеа сите медиуми и не само што ќе го објавеа, туку ПЦР тестот ќе престанеше да се користи. Ама, тоа не е така. ПЦР тестот и во моментов се користи кај нас во сите овластени лаборатории, како државни така и приватни, но и насекаде во светот.
Вакцинираните не го пренесуваат вирусот повеќе од невакцинираните
Вакцинираните можат да заболат или да го пренесат коронавирусот, но тие не се главни преносители на болеста, како што тврди оваа објава на Фејсбук. Постот се повикува на видео изјава на претседателот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, којашто е извадена од контекст. Во видеопорака објавена на 24 ноември 2021 година на Твитер, претседателот Гебрејсус укажува дека вакцините спасуваат животи, но и дека не ја спречуваат целосно трансмисијата на вирусот, заради што апелира и понатаму да се почитуваат здравствените протоколи и превентивни мерки за заштита. Но, тој ниту во еден момент не тврди дека вакцините не штитат и дека вакцинираните се главни трансмитери на заразата.
Нема докази дека вакцината „Фајзер“ предизвикува згрутчување на крвта
Не постојат медицински докази дека вакцината на „Фајзер“ ја оштетува човечката крв, односно, дека ја онеспособува да го носи кислородот низ крвотокот. Консензусот на медицинската заедница која третира пациенти со ковид, не соодветствува со ова тврдење.
Омикрон варијантата на коронавирусот не означува команда за срцев удар
Методата искористена во постот што го рецензираме, да се земат првичните букви од два неповрзани поими (OMI и Cron) и базирано на нивните дефиниции да се тврди дека ќе добиете срцев удар, бидејќи сте вакцинирани, е во најмала рака манипулативна и без темел во реалноста. Светската здравствена организација почна да ги именува новите варијанти на ковид-19 според буквите од грчката азбука, за да избегне создавање јавна конфузија и стигма на некои држави. СЗО ги прескокна двете букви пред омикрон – „Nu” и „Xi”, што доведе до шпекулации дека за „Xi” причината е името на кинескиот претседател кој се вика Xi Jinping, додека пак, „Nu” лесно може да се помеша со зборот „new“ – „нов“ на англиски.
Германскиот хемичар не бил убиен, бидејќи „ја зборувал вистината за вакцините“, туку починал од срцев удар
Германскиот хемичар Андреас Ноак не открил дека во вакцините има графен оксид, затоа што вакцините не содржат такво соединение, а тоа го потврдуваат многу светски медицински експерти, за што „Вистиномер“ досега има пишувано во неколку наврати. Докторот не бил убиен од страна на полицијата затоа што „ја зборувал вистината за вакцините“, туку починал како последица на срцев удар. На 29 ноември 2021 година, неговата девојка Ана објави видео во кое појасни дека Ноак не бил нападнат, туку починал од срцев удар во болница.
Нема графен оксид во вакцините на „Фајзер“, „Синофарм“, „АстраЗенека“ и „Спутник“
Наспроти произволните тврдења искажани во постот дека вакцините против ковид-19 се отровни и содржат „графен оксид и микротехнологија”, тие се авторизирани, ги имат поминато сите неопходни контроли и се одобрени за употреба. Медицински експерти ширум светот се категорични дека во вакцините нема вакви состојки, а тоа го покажуваат и официјалните извештаи од медицински професионални здравствени агенции. И на официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во Северна Македонија, се гледа дека во нивниот состав нема графен оксид.
Не е вистина дека различни серии од вакцината на „Фајзер“имаат различен состав
Во видеото паушално се тврди дека различни серии од вакцината на „Фајзер“ имаат различен состав и дека од одредени серии има процентуално повеќе починати пациенти. Вакцината на „Фајзер“ е иста во сите држави, се произведува во контролирани процеси и од националните влади и од интернационалните регулатори и од самиот производител. Дополнително, ВАЕРС не смее да се користи како индикатор на смртност кај населението, или пак, како индикатор за опасност на некоја вакцина.