Skip to main content

Ное 19, 2021

Не е вистина дека состојката трометамин во вакцините на „Фајзер“ е штетна или дека е „лек за срцев удар“. Со додавањето на оваа состојка се продолжува животниот век на вакцината на „Фајзер“ откако таа ќе се одмрзне, правејќи ја достапна за складирање 10 недели пред да биде аплицирана, наместо досегашните 2 недели. Исто така, не е точно дека само вакцината за деца на „Фајзер“, има трометамин во својот состав, туку сите фајзерови вакцини против ковид, за сите возрасни групи, ја имаат оваа состојка.


Ное 19, 2021

Постот нецелосно ја информира јавноста, односно му недостига контекст. Точно е дека „Фајзер“ во вакцината за деца под 11 години ја додава состојката трометамин, но оваа состојка ја додава и во вакцините за тинејџери и возрасни. Не е точно дека трометаминот се додава за да се спречи срцев удар по примање на вакцината, туку за да се олесни нејзиното одржување и траење. Трометамин има и во вакцината на „Модерна“, но и во други вакцини и лекови одобрени од ФДА.


Ное 19, 2021

Вакцината на „Фајзер“ од август оваа година има трајно одобрение за употреба, кое што важи засекогаш. Европска агенција за лекови ги има одобрено вакцините на „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џенсен“, што може да се види на официјалната страница на ЕМА. Светската здравствена организација ја има одобрено вакцината на „Синофарм“ на 7 мај 2021 и досега таа се дава во 65 земји. И „Синовак“ има дозвола за употреба од СЗО која ја доби на 1 јуни 2021 година и се дава во 40 земји. Нашата држава ги следи препораките на СЗО, ФДА и на ЕМА, односно, тука се прифаќаат вакцините коишто се одобрени од светските релевантни медицински организации.


Ное 19, 2021

Во нашата држава се аплицирани 1.662.152 дози на вакцини заклучно со 18.11.2021 година. Податоците од Министерството за здравство говорат дека 39 отсто од целата популација во нашата земја има примено вакцина против ковид-19, а 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина. Па, според конспирациската теорија којашто тврди дека вакцините предизвикуваат смрт на населението, ова би значело дека само во земјава треба да има значителен број на смртни случаи, кои во реалноста ги нема. Во постот се вели „од вакцините се умира и тоа како.“ Не се вели која е таа бројка, но, ако, „и тоа како“ се умира, тоа значи дека се умира многу, значи голем број смртни случаи, кои не би било можно да се прикријат од која било влада или организација.


Ное 18, 2021

Фејсбук објава лажно тврди дека ковид-19 не е дефиниран вирус, туку дека станува збор за авиони кои прскаат отрови и живи вируси. Ова, се разбира, не е точно.


Ное 17, 2021

Кина го изолира вирусот и го идентификува како коронавирус, а од 13 јануари ја сподели геномската секвенца со Светската здравствена организација. Веб-страницата на Американската национална библиотека за медицина, го објави целосниот геном од изолираниот вирус, земен во раните фази, како и неговата обновена верзија. Во научен труд во детали се објаснува како САРС-КоВ-2 е изолиран и колку е есенцијално ова изолирање за тестовите и за вакцините кои подоцна се појавија.


Ное 17, 2021

На видеоматеријалот што се споделува на Фејсбук нема ниеден момент и ниеден кадар што потврдува дека се вади чип од рамо на вакциниран човек. Дозата на вакцината е помала од еден милилитар, тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Состојките на вакцините се позната и јавна информација и ниедна вакцина не содржи микрочип.


Ное 16, 2021

Не е првпат да се манипулира со позната теорија на заговор наречена „Кемтрејл“, според која од небо „нè прскаат со хемикалии“, па во тој дух се тврди дека белата трага што ја создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“. Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот се нарекува „контрејл“ – скратеница од condensation trail, односно патека од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата.