Skip to main content

Ное 28, 2021

Постот изнесува дезинформација дека песната 7-11 е нова, иако таа е од 2014 година. Ниту графен оксид, ниту пуштање во воздух на коронавирус не може да биде дел од интерпретацијата на ова музичко дело и спотот, зашто станува збор за стар албум од 2014 година, кога немаше ковид. Во постот е испуштен контекстот затоа што вистински објавени промотивни материјали за истоимениот музички проект, се погрешно интерпретирани во контекст на ковид пандемијата, а со цел да се создаде конспирациска теорија која е целосно бесмислена.


Ное 11, 2021

Не е вистина дека вакцините против ковид содржат состојка графен оксид. Овој материјал не е наведен во составот на ниту една вакцина, самата компанија „Фајзер“ го негира неговото присуство во вакцината, а истражувањето посочено како извор во постот, е некредибилно и од него се дистанцира универзитетот Алмериа во Шпанија. Оваа дезинформација е побиена повеќепати досега, но сепак таа и натаму се шири на интернет просторот.


Ное 11, 2021

Графичкото видео, кое е вознемирувачко и се злоупотребува на социјалните мрежи, нема никаква врска со вакцинацијата. Тоа е снимено во февруари 2020 година во Кенија во градот Какамеда, кога 13 деца починаа во стампедо во основно училиште, а 40 беа повредени.


Ное 11, 2021

Во овој пост е споделен текст кој пренесува истражување направено од Лансет, кое, пак, погрешно се цитира без соодветен контекст. Самата студија, всушност, вели дека вакцините се ефикасни во спречување на хоспитализација и смртен исход, што е спротивно од она што се тврди во објавата на Фејсбук. Секое лице кое е вакцинирано, со која било вакцина, статистички може да развие дел од симптомите на вирусот. Ниту една вакцина не нуди 100 отсто заштита од симптоми на вирусот, туку тој процент варира помеѓу 50 и 99 отсто на заштита од заболување, во зависност од вакцината.


Ное 9, 2021

Во постот се изнесени повеќе неточни тврдења. Децата најчесто полесно го поминуваат ковид-19, но новата делта варијанта на коронавирусот покажа дека нема правила. Во земјава од ковид починаа и млади лица, на возраст од 15, 16 и 17 години. Во однос на тврдењето дека ризикот од сезонски грип е повисок од ризикот за ковид, според официјалните информации на ИЈЗ во сезоната 2020-2021, вкупниот број на заболени од сезонски грип изнесувал 539, што е за 92,5 проценти помалку во споредба со истиот период минатата сезона и 94,5 проценти помалку во однос на типичната сезонска крива. Исто така, не е вистина дека вакцините против ковид-19 се експериментални. Тие ги поминаа сите потребни фази на клиничките испитувања. Обемното тестирање и мониторирањето покажа дека овие вакцини се безбедни и ефикасни.