©2008 - Сите права се задржани. Powered by TVM.


Пандемијата е вистинска, а спортските натпревари се одвиваат по протоколи

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се изнесени дезинформации за тоа кои услови треба да бидат исполнети за да се работи за вистинска пандемија. Во постот се тврди:

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се изнесени дезинформации за тоа кои услови треба да бидат исполнети за да се работи за вистинска пандемија. Во постот се тврди:

Да беше вистинска пандемија… Г7 ќе се случеше онлајн. Кралскиот аскот (коњските трки во Аскот) ќе беше откажан. Тенисот на Вимблдон би бил стопиран. Но ,,реалниот ризик” е децата да спортуваат или да има матурски, верски услуги, собирања на семејство итн.

Според ова тврдење, пандемијата со ковид 19 не е вистинита, затоа што се одржуваат коњски трки, тениски турнир и самит. Потоа се инсинуира дека спортувањето на децата, собирањето на семејството и матурските прослави биле тие што се проблематични и претставуваат ризик, а не горенаведените настани.
Во Македонија не е забрането да се собира семејството, да се одржуваат верски церемонии, или да има матурски прослави. Напротив, од 16 јуни 2021 година, се укинува полицискиот час, се укинува ограничувањето на работното време на сите угостителски објекти, дозволено е одржување настани на отворено, со капацитет до илјада лица со искористување 50 проценти од просторот, дозволено е организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси со максимум 50 проценти исполнетост на капацитетот на отворениот дел, наместо максималните 100 гости како што беше досега и донесен е заклучок да престане да важи обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.
Тоа е моменталната состојба во Македонија, каде, поради поволна епидемиолошка состојба, укинати се мерките кои важеа претходно во текот на пандемијата и беа заштитни. Тоа што мерките, кои беа на сила се укинаа, не значи дека пандемијата не е вистинска, туку дека таа спласна во одреден период, односно дека епидемиолошката ситуација е таква што има спорадични случаи на новозаразени со коронавирусот.



Од укинувањето на мерките се гледа дека не се укинати собирањата, матурските прослави и посетите на верски објекти. Терасите во угостителските објекти се полни и нема најави за рестрикции во угостителскиот сектор. Собирањата на повеќе од 4 лица на отворено се дозволени, со препорака за носење маска. Носењето маска на отворено, исто така, беше укинато.

Да се тврди дека показател за вистинитоста на пандемијата е тоа дали Вимблдон ќе биде стопиран или не, претставува манипулација. Зошто?

Затоа што сите што ќе бидат гледачи на шампионатот, ќе мора да следат строги критериуми за влез.

Како што може да се види на официјалната страница на Вимблдон, сите што купиле билет за Вимблдон, ќе мора да покажат доказ за својот ковид статус при влезот, или во форма на вакцинација со двете дози, а од втората доза да поминале минимум 14 дена или негативен тест (за постари од 11 години). Негативниот тест мора да биде направен 48 часа пред настанот, може да се покаже при влез или преку СМС или преку мејл. Доказ за вакцинација може да се презентира преку апликацијата NHS или преку испринтан ПДФ документ на вебсајтот.

И за коњските трки на Ројал Аскот има строги правила за тоа кој може да присуствува и кој ќе може да присуствува. Не треба да присуствуваат контактите на индивидуи што биле позитивни 14 дена пред настанот, ниту тие што допатувале од земја на црвената листа на Велика Британија изминатите 14 дена. Се препорачува да се патува со приватно возило, да се соработува со здравствените прегледи при влезот. Гостите мора да не се социјализираат во групи од повеќе од 6 лица, ни на јавни места и треба да ги следат британските владини препораки за мешање на домаќинствата.

Европската Унија одлучи да ги олесни ограничувањата за патување на нашите државјани, на што се согласија сите 27 членки на блокот. Оваа одлука на ЕУ доаѓа по стабилизација на состојбата со вирусот во државата.

Апелирам до граѓаните дека сѐ уште важат основните мерки за заштита од вирусот Ковид 19. Пандемијата не е завршена кај нас, во земјите во регионот, па и насекаде во светот, сѐ уште има активни случаи и новозаразени, што на еден начин е потенцијална закана за можен удар од вирусот, затоа треба да се придржуваме кон мерките за заштита, апелираше министерот Венко Филипче.

Оттука, оценуваме дека не е вистина тврдењето,,да беше пандемијата вистинска, овие настани ќе беа откажани”. Тие се одвиваат по строго утврдени протоколи. Пандемијата спласна и затоа не е ризик децата да спортуваат, ниту, пак, семејствата и верниците да се собираат, меѓутоа сите настани се одвиваат по утврдени протоколи и со претпазливост.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© 2008 - Сите права задржани. Поддржано од ТВМ ТелевизијА.
Back to Top