Skip to main content

Проверка на факти

Руската инвазија врз Украина не е специјална воена операција, како што спинува Левица

Политичката партија Левица ја искористи терминологијата на Кремљ дека руската инвазија во Украина е всушност „специјална воена операција“. Во оваа изјава се препознава спин, ако се земе предвид дека специјалните операции се воени активности спроведени од специјално назначени, организирани, избрани, обучени и опремени сили кои користат неконвенционални техники и начини на делување. Специјалните операции можат да вклучуваат извидување, неконвенционално војување и антитерористички акции, а обично се спроведуваат од мали групи високо обучен персонал, што не е случај со Украина.
 |  инфодеск  | 
Левица

Политичката партија Левица на 16 март годинава излезе со соопштение дека пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов оствариле 90-минутна средба со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин. Во соопштението, кое е објавено на официјалната страница на Фејсбук на партијата, може да се забележат спинови во однос на руската инвазија врз Украина.

Спин: На оваа втора официјална средба беше разговарано за актуелните домашни и меѓународни теми, со посебен осврт на специјалната воена операција во Украина и последиците од истата по меѓународниот поредок. Акцент се стави на процесот на денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија.

[Извор: Политичка партија Левица – Фејсбук; датум: 16.03.2022]

Контраспин: Преку терминот „специјална воена операција“, партијата спинува, користејќи го терминот што и Кремљ го користи за руската инвазија, обидувајќи се да ја релативизира и оправда војната. Истиот термин во разговор за руската телевизија РБЦ, заменик министерот за надворешни работи, Сергеј Рјабков ја опиша реакцијата на Западот на борбите во Украина како „невиден политички, економски и информативен напад врз Русија“. Тој, рече дека руската „специјална операција“ – термин што го користат руските официјални лица – ќе биде завршена и дека треба да се постигне „демилитаризација на Украина и нејзината денацификација“.

Од почетокот на месецот, училиштата низ Русија имаат специјални часови по општествени науки на тема „војна“, каде што наставниците мора да им ја кажат на учениците од седмо и 11-то одделение за позицијата на владата за историјата и за она што Кремљ го смета за „специјална операција“. За истото се делат и прирачници, а во еден од нив, објавен од независниот руски медиум „МедиаЗона“, се вели дека „украинската нација не постоела до 20 век и во 2014 година претрпела крвав државен удар со кој бил инсталиран американски марионетски режим“. Понатаму, пишувало дека откако „самонаречените Доњецк и Луганска народна република во источна Украина се кренале против режимот, тие биле опколени и подложени на ‘геноцид’ осум години, што Русија сега го спречува преку „специјална мировна операција“. Овие материјали за учениците експлицитно наведуваат на тоа дека во случајов во Украина нема војна.

И рускиот претседател Владимир Путин на 24 февруари 2022, во своето обраќање непосредно пред инвазијата, одобри „специјална воена операција“ против Украина за да се елиминира, како што рече, сериозна закана, велејќи дека неговата цел е да го демилитаризира јужниот сосед на Русија.

Слична реторика на руската, сега употребува и политичката партија Левица, преку својот лидер и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев, со тврдење дека станува збор за „специјална воена операција“.

Во конкретниот случај, партијата спинува кога го користи овој термин, бидејќи станува збор за напад и инвазија врз суверена и независна држава. Покрај тоа, процентот на вкупните ресурси на руската армија кои во моментов се ангажирани во Украина го покажуваат спротивното, односно ангажиран е огромен број пешадија, авијација, околопни и артилериски единици. Па, оттаму не може да станува збор за „специјална операција“, затoa што во тој случај би се користеле мали, мобилни специјални единици.

Специјалните операции (Special ops) се воени активности спроведени, според НАТО, од специјално назначени, организирани, избрани, обучени и опремени сили кои користат неконвенционални техники и начини на делувањеСпецијалните операции можат да вклучуваат извидување, неконвенционално војување и антитерористички акции, а обично се спроведуваат од мали групи високо обучен персонал, со акцент на брзината и тактичката координација.

Во воената инвазија на Русија врз Украина, наспроти ова, гинат голем број цивили. Канцеларијата за човекови права на ОН изјави дека има регистрирано вкупно 902 цивилни жртви и 1.459 повредени цивили од почетокот на војната, иако се верува дека бројките се многу повисоки. Канцеларијата на главниот обвинител на Украина во саботата објави дека 115 деца се убиени од почетокот на борбите, а повеќе од 140 деца се ранети. Десетици цивили се убиени и повредени како резултат на нападите за 24 часа само во источниот регион Доњецк, соопшти во саботата (19 март 2022) украинската полиција. Најмалку 37 станбени згради и инфраструктурни објекти беа оштетени во нападите врз осум градови и села. Сето ова, не може да се нарече „специјална воена операција“, туку „воен напад“ или „воена инвазија“, во време кога има цивилни жртви, а само во Варшава, илјадници бегалци од Украина чекаат редици за да добијат локални документи за идентификација кои ќе им овозможат да продолжат со животот.

Професорката Мирјана Најчевска за соопштението на политичката партија Левица се изјасни дека треба сериозно да се размисли за примена на членот 407-а од Кривичниот законик: „Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“.

Имено, воената агресија на Руската Федерација предводена од Путин врз Украина е веќе идентификувана од најголем број држави во светот како акт со кој во големи размери се повредуваат човековите права. Оваа осуда е операционализирана во хуманитарна и воена поддршка на Украина, во Резолуција на Генералното Собрание на ООН, во прво суспензија на членството на Руската Федерација во Советот на Европа (во кој членува Македонија), а сега веќе и исклучена од членство и во започната процедура пред Меѓународниот кривичен суд (чиј основен акт – Римскиот статут, го има ратификувано Македонија), тврди Најчевска. 

Пратеникот Апасиев, како што стои во соопштението на Левица, се оградил од последните контроверзни дејствија на македонската дипломатија и потсетил дека овие „нецивилизирани антируски чекори“ воопшто не ја изразуваат волјата на мнозинството македонски граѓани, а осудени биле и „непотребните санкции на Република Македонија, под притисок на ЕУ и НАТО“.

Во време кога светот се соочува со агресија која може да доведе до светска војна, која е осудена од државите кои се дел од меѓународните структури во кои членува Република Северна Македонија и врз основа на меѓународните документи кои ги ратификувала, секоја употреба на ваква реторика може да биде штетна врз општеството, особено што истата не кореспондира со реалноста.

Оттамy, тврдењето на политичката партија Левица дека руската инвазија врз Украина е „специјална воена операција“ е класично спинување на она што се случува на теренот, каде што има голем број цивилни жртви и уништена инфраструктура, а нападите траат веќе еден месец.

Пишува: Мери Јордановска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар