Со селективно споделување на делови од студија се фрла сомнеж дека ковид скринингот е опасен
Овој Фејсбук пост е типичен пример за недостиг контекст (missing context). Тој пренесува содржина со намерно изоставување на важни информации, а крајната цел е да дезинформира и да ја потврди тезата дека земањето брисеви на школските деца, може да донесе компликации, па дури и да е опасно по живот. Студијата споделена во постот навистина известува за последиците, но во објавата е пропуштено да се каже клучното од оваа студија, дека „фреквенцијата на компликации е исклучително мала“.
Овој Фејсбук пост е типичен пример за недостиг контекст (missing context). Тој пренесува содржина со намерно изоставување на важни информации, а крајната цел е да дезинформира и да ја потврди тезата дека земањето брисеви на школските деца, може да донесе компликации, па дури и да е опасно по живот. Студијата споделена во постот навистина известува за последиците, но во објавата е пропуштено да се каже клучното од оваа студија, дека „фреквенцијата на компликации е исклучително мала“.
Пред почеткот на најавениот скрининг кај учениците, пост на Фејсбук ги повикува родителите да размислат околу масовното тестирање на учениците. Притоа, постот споделува акценти од една странска студија и соопштение на Француската национална академија со несаканите последици од земањето на брис. Меѓутоа, овој пост селективно ги прикажува само оние делови од студијата во коишто се посочени одредени компликации при земањето ПЦР тест, а со цел да се фрли сомнеж дека ковид скринингот е опасен.
Студијата навистина известува за одредени последици при тестирањето, но во постот е пропуштено да се сподели клучното од оваа студија, дека „фреквенцијата на компликации е исклучително мала“:
Скршени брисеви (потоа отстранувани преку назална ендоскопија под локална анестезија, крварењето од носот (многу од нив и опасни по живот), бројни назални оштетувања, сепса, интраназални адхезиии септални перфорации, итн итн., пишува во Фејзбук постот.
Споменатата студија на Универзитетската болница во Хелсинки, Финска, на тројца автори – доктори специјалисти од Одделот за оториноларингологија е спроведена во периодот од март до септември 2020 година, а е одобрена за објавување во април 2021 година.
Студијата е базирана на направени 643.284 тестови за SARS-CoV-2. Кај осум пацинети се регистрирани компликации – 7 жени, 1 маж, и тоа 4 назални крварења и 4 скршени брисеви, сите се случуваат веднаш по земањето мостри. Ниту еден од овие 8 пациенти не беше позитивен на ковид-19.
Фреквенцијата на компликации кои бараат третман во ЕД беше 1,24 на 100 000 извршени тестови за SARS-CoV-2...Фреквенцијата на компликации е исклучително мала. Се чини дека сите компликации вклучуваат погрешна техника на земање примероци, пишува во Студијата на Универзитетската болница во Хелсинки.
На крајот во апстрактот од Студијата, авторите сметаат дека ризикот за тешка компликација, за која е потребна посета на специјалист е „екстремно низок“, но, дека, сепак, „компликациите кои се на анатомски чувствителни места може да бидат опасни по живот“.
Како поткрепа на тврдењата од Фејсбук постот, објавен и во ФБ група, споделено е и соопштение од Француската национална академија, со цел да се поткрепи повикот „родителите да размислат“ пред тестирањето на децата.
Важно е да се почитуваат мерки на претпазливост и да се внимава на ризиците што можат да настанат – од бенигни компликации (непријатност, болка или крварење), до сериозни компликации (прекршувања на предната база на черепот поврзани со ризик од менингитис, сериозни повреди итн, пишува во објавата на Фејсбук.
Но, постот и тука пропушта да го каже дека соопштението, всушност, се однесува на повеќе препораки, кои се даваат и до граѓаните кои се тестираат, но, пред сè, до медицинските работници.
Назофарингеално бришење проследено со откривање на вирусниот геном со RT-PCR стана златен стандард за дијагноза на инфекција со САРС-КоВ-2. Потребен е и брис од носот за антигенско тестирање. Со оглед на зачестеноста на оваа постапка за добивање примероци, понекогаш изведена под несоодветни услови, важно е да се запаметат мерките на претпазливост што треба да се почитуваат и настаните ризици. При земање на примероци кај децата, се препорачува плунков тест, пишува во соопштението на Француската национална академија.
Според тоа, поголемиот дел од овој Фејсбук пост е типичен пример за недостиг контекст (missing context). Тој селективно пренесува содржина со намерно изоставување на важни информации кои ќе дадат целосна слика за состојбата за која се пишува. Постот манипулира со содржина којашто е лесно проверлива и достапна за секој корисник на интернет, а крајната цел е да дезинформира и да ја потврди тезата дека земањето брисеви на школските деца, може да донесе компликации, па дури и да е опасно по живот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар