Skip to main content

Борба против руското влијание

Улогата на албанските партии во РСМ 

Во 2001 година во Северна Македонија беа потпишани два многу важни договори за напредокот на земјата. Првиот договор (Охридскиот договор) ја спаси државата од можна катастрофа и загарантира мултиетничка и демократска држава според принципите на ЕУ. Вториот договор (Спогодбата за стабилизација и асоцијација) и даде на земјата евроатланска насока, со што се минимизираа шансите за антидемократско влијание во земјата. Албанските политички партии во РСМ беа директно вклучени во процесот на потпишување на овие договори и јасно се изјаснија за членство на земјата во ЕУ и НАТО. Додека пак, ЕУ и НАТО ја поддржаa „шарената револуција“ со која беше соборена влада блиска до Русија и Путин, пишува Порталб.мк.
 |  инфодеск  | 
Македонија Нато

Со Охридскиот Договор и Спогодбата за стабилизација и асоцијација, државата тргна во евроатлантска насока

Обликувањето на евроатлантскиот пат на Северна Македонија започна по вооружениот конфликт во 2001 година меѓу Ослободителната Национална Армија (ОНА) и Армијата на Република Македонија (АРМ), кој траеше нешто помалку од 8 месеци – од 22 јануари 2001 г., кога се случи нападот на полициската станица во Танушевци, до 13. август 2001 г., кога се потпиша Охридскиот рамковен договор меѓу двете завојувани страни, кој во суштина претставуваше мировен договор и после кој брзо започна разоружувањето на ОНА, предвидено со овој договор. Во тоа време, проруската украинска влада одлучи да и помогне на македонската армија продавајќи и оружје. Меѓутоа, народот на Украина во 2014 година ја презеде власта во свои раце, соборувајќи ја така владата на Виктор Јанукович, поради тоа што тој им го ускрати правото да бидат дел од Европската унија.

Свесна за овој факт, албанската политичка партија која произлезе од војната во 2001 година, Демократската унија за интеграција (ДУИ), денес не ја обвинува Украина за продажбата на авионите и хеликоптерите на македонската армија, односно АРМ, туку напротив, оваа партијата ја осуди руската агресија и изрази целосна поддршка за Република Украина и украинскиот народ.

„Во интерес на сите е што е можно поскоро да се најде решение и да и се стави крај на оваа тажна ситуација во Украина, да се најде решение за прекин на огнот и да се отвори патот за дијалог, да се воспостави мир и да се ослободат Украинците, да одлучат самите за својата судбина, мислам дека претседателот Путин и Русија треба да се чувствува одговорност за тоа што како една велесила тој нападнал еден народ, не ја почитува волјата на еден народ и за ова треба да се засрамат и што побрзо да се повлечат, и така ќе биде подобро и за Русија и за Европа. Мислам дека рускиот народ има колективна одговорност да не дозволи една ваква безмилосна војна да се случи во Украина“, изјави Aли Ахмети,  лидер на Демократската унија за интеграција и политички претставник на ОНА за време на воениот конфликт во 2001 година.

„Во овие тешки времиња ние сме со Украина”, изјави Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, кој е од редовите на Демократската унија за интеграција.

Еден од најважните документи со кој беше постигнат прекин на конфликтот во 2001 година беше Охридскиот договор. Овој договор, освен што му стави крај на конфликтот, тој, исто така, го постави Уставот на РСМ во една нова основа, со што се обезбеди порамноправна застапеност во одредени политички и институционални области меѓу двата најголеми етникуми во државата, македонскиот и албанскиот.

Потпишувањето на Охридскиот договор, фото: Google

Овој документ, кој Северна Македонија ја доближи чекор поблиску до Европската Унија и членството во НАТО, и кој овозможи минимизирање на можните влијанија на не-прогресивните сили во земјава, го потпишаа тогашниот претседател на државата, Борис Трајковски, тогашниот шремиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, лидерот на ДПА, Арбен Џафери и лидерот на ПДП, Имер Имери. Како гарант документот го потпишаа и специјалниот претставник на ЕУ Франсоа Леотар и специјалниот претставник на САД, Џејмс Пердју.

Во решавањето на кризата беше вклучен и Питер Фејт, специјалниот претставник на Генералниот секретар на НАТО, кој со директно посредништво ги координираше сите активности  меѓу безбедносните сили на Република Македонија и ОНА.

Имајќи предвид дека гаранти на договорот беа ЕУ и САД, како и дека во овој договор се опфатени многу принципи на Европската унија, овој договор го претставува најважниот чекор кон унапредување на патот на Северна Македонија кон европските интеграции и членството на земјата во НАТО.

Потписници на Охридскиот договор од редовите на албанските политички партии беа Арбен Џафери како претседател на тогашната ДПА и Имер Имери како претседател на ППД. Меѓутоа, сите албански политички партии, вклучително и актуелните партии на политичката сцена, го поддржуваат овој договор, но имаат различни мислења околу неговата реализација.

Непрогресивните трендови беа минимизирани со потпишувањето и почетокот на имплементацијата на  Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Иако преговорите се одвиваа и пред тоа,  Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу РСМ и Европската унија беше потпишана истата година како и Охридскиот договор. Овој договор ја рангираше Република Македонија на листата на земји со перспектива за членство во Европската Унија, додека пак на економски план со потпишувањето на договорот се отворија вратите кон еден од најголемите и најмоќните финансиски пазари во светот.

Исполнувањето на точките од овој договор ја приближуваше земјата секој ден се  поблиску до Европската Унија и НАТО, а од нив издвојуваме:

  • Приближување на регионот кон поблиска и поцелосна интеграција во структурите на Европската Унија,
  • Поддршка за брза демократска консолидација, владеење на правото, економски развој и структурни реформи, соодветни административни структури и регионална соработка,
  • Воспоставување на формализирана рамка за политички дијалог, на билатерално и на регионално ниво.
  • Унапредување на економските односи, трговијата, инвестициите, политиката на претпријатијата, транспортот и развојот, соработката во областа на царината, со перспективи за поблиска интеграција во светскиот трговски систем, вклучително и можност за создавање зона за слободна трговија, откако ќе се постигне напредок во економскиот реформите.

Во меѓувреме, сите албански политички партии во Северна Македонија ја изразија својата поддршка за овој договор, како и за сите други договори кои ја приближуваат земјата до Европската унија.

Денес, поради горенаведениот договор кој резултираше со зголемување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Европската Унија, и според најновата анкета на  Меѓународниот Републикански Институт (IRI), мнозинството граѓани (35%) сметаат дека најголемиот донатор во РСМ е Европската Унија, додека пак само (3%) веруваат дека тоа е Русија.

Инаку, 47% од анкетираните ги гледаат Соединетите Американски Држави (САД) како најважни економски партнери на РСМ, а 32% сметаат дека Русија е најважен економски партнер. За да ја прочитате целосната студија, кликнете ТУКА.

Сите албански политички партии ја изразиле својата поддршка за овој договор и се залагаат за членство на земјата во Европската унија. Оваа определба јасно се гледа во статутот на партијата Алијанса за Албанците, овде можете да прочитате за ставот на Демократската Партија на Албанците, јасно е дефинирана и во статутот на Демократската Унија за Интеграција и на Партијата Алтернатива, исто така и  Движењето БЕСА се изјаснило во корист на членството на земјата во Европската Унија и прифаќањето на европските вредности.

Шарена револуција“  – на про-руската влада и се ближеше крајот, 2015 година

Протестите кои започнаа по убиството на Мартин Нешковски на изборната ноќ во 2011 година, се претворија во едно движење познато како  #Протестирам, кое пак кон средината на месец април 2016 година прерасна во таканаречената „Шарена Револуција“ во Македонија. Протестантите бара заминување на владата Груевски-Ахмети.

Мирните протести на Шарената револуција, април 2016 година, Скопје, Фото: Ванчо Џамбаски CC BY-SA

Барањата за правда беа само дел од протестите кои станаа масовни на 12 април 2016 година, откако тогашниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов најави аболиција за 56 лица осомничени за вмешаност во скандалот со прислушувањата.

Истата вечер на улиците во Скопје излегоа неколку илјади луѓе, го пробија полицискиот кордон и ја запалија канцеларијата на Иванов во центарот на градот. Протестите продолжија и во следните месеци со поголем интензитет и масовност. На 15 април за прв пат беше обоена фасадата на Порта Македонија – која потоа стана симбол на протестите.

На Русија и одговараше да продолжи владата Груевски-Ахмети

 „Обединета Русија”, партијата на рускиот претседател, Владимир Путин, во тоа време  реагираше против „Шарената револуција“  во РСМ и другите на Балканот. Според информациите од регионалните медиуми, „Обединета Русија“ испратила повик до политичките партнери на Балканот за да се борат против Шарената револуција во Северна Македонија и другите шарени револуции во територијата на поранешна Југославија.

Како што се наближуваше крајот на владеењето Груевски-Ахмети, така растеше и неспокојот на Русија

„Како дел од Балканскиот регион, Северна Македонија е во полето на интерес на Русија, затоа што овој регион се граничи со ЕУ, нешто што Москва сака да го држи под контрола или барем под нејзино влијание“, се вели во извештајот на Фондацијата „Слободна Русија“ со седиште во САД.

Во овој извештај се вели дека Русија употребувала и употребува разни начини за да влијае во внатрешните работи на Северна Македонија.

„Меѓутоа, не сите обиди за да се влијае во македонската економија и политика ги дале посакуваните резултати. „Од една страна, Русија успеа да создаде блиски односи со македонската политичка елита во времето на Груевски, но, од друга страна, не успеа да и се спротивстави на опозицијата, што предизвика суштествени промени во владата и раскинување на политичките врски со политичарите во земјава“ стои во извештајот.

Русија направи значителни напори за да ја држи северна Македонија надвор од НАТО, и успеа да го намали учеството на референдумот за промена на името. Руското Министерство за надворешни работи остро реагираше по изборите во декември 2016 година, кога партијата на Груевски, и покрај победата на изборите, не успеа да формира мнозинство во парламентот. Во реакцијата на руското МНР, тие изразија поддршка не само на Груевски, туку и на претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети.

„Се чини дека врз политичките сили во Македонија се врши големо надворешно влијание со псевдодемократски пароли. Целта е јасна – да се справиме со македонските политичари кои се непожелни од Западот и да им ги прекомпонираме властите и покрај јасната поддршка на гласачите за коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од Никола Груевски и Демократската унија за интеграција, предводена од Али Ахмети“, изјавиле од Руското Министерство за надворешни работи на 11 февруари 2017 година.

И покрај ова, сите албански политички партии ја поддржаа „Шарената револуција“

 Aлијансата за Албанците (тогашната ДР-ДПА), НДП и Движењето БЕСА ја изразиле својата поддршка за „Шарената револуција“, тие испратија повик до своите активисти да излезат и протестираат.

„Поради овие причини, како и со оглед на тоа што овој режим се покажа како најантиалбански, анти-НАТО и анти-ЕУ режим и кој лошо ја долови политичката волја на Албанците – со заробувањето на владејачките албански партии, Движењето „БЕСА ги поддржува овие протести, бидејќи тие се последниот начин да се спаси оваа држава и да се врати демократијата“, изјавија од Движењето БЕСА.

„Јавно ги повикуваме сите Албанци кои не се нарекуваат себеси заробеници, туку се нарекуваат слободни, албанските невладини организации, независните интелектуалци, политичките партии и сите граѓани кои сакаат слобода, правда, достоинство, напредок, кои целат кон перспектива и среќа, да се приклучат на овој сенароден протест за да се му  каже стоп за овој систем“, изјавиле од ДР-ДПА, НДП и неколку невладини организации.

Иако дел од владата која и одговараше на Русија, ДУИ декларативно бараше од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да изнајдат решение за излез од кризата, во согласност со „барањата на Брисел и Вашингтон“.

Инаку, освен албанските политички партии, и опозициските македонски партии ја подржуваа „Шарената револуција“ и беа активен дел во организирањето на протестите. Во тоа време, луѓе блиски со Русија на најразлични начини се обидуваа да се зачува тој статус кво и да нема промена на власта во Македонија.

(Продолжува)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар