Skip to main content

Вакцините против ковид 19 не предизвикуваат ,,нов вид СИДА”

Вакцините против ковид 19 не предизвикуваат имуносупресија. Ова е дезинформација слична на тоа дека земјата е рамна плоча. Овие вакцини веќе се администрирани на милиони луѓе во светот и податоците покажуваат дека се екстремно ефективни и безбедни дури и кај луѓе со претходни состојби на ослабен имунолошки систем, вели Пабло Пеналоза МакМастер, професор по микробиологија и имунологија на Универзитетот Нортвестерн.

 |   | 

Вакцините против ковид 19 не предизвикуваат имуносупресија. Ова е дезинформација слична на тоа дека земјата е рамна плоча. Овие вакцини веќе се администрирани на милиони луѓе во светот и податоците покажуваат дека се екстремно ефективни и безбедни дури и кај луѓе со претходни состојби на ослабен имунолошки систем, вели Пабло Пеналоза МакМастер, професор по микробиологија и имунологија на Универзитетот Нортвестерн.

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека целосно вакцинираните развиваат имунодефицитарен синдром.
Или по нашки, стануваат сидаши. Тоа е нов вид на СИДА или отворена врата за секоја болест. Си ги ризикувате животите со примање бустер. Официјалните податоци од владата на Велика Британија силно сугерираат дека вакцинираните развиваат синдром на стекната имунодефициенција предизвикана од вакцината, се вели во постот кој го рецензираме.
Во склоп на постот споделен е и текст од Дејли Експозе.
 
Целосно вакцинираните не развиваат СИДА. Извештаите на кои се темели текстот од Дејли Експозе и на кој се има надоврзано постот што го рецензираме, потекнуваат од Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија кои го покажуваат бројот на инфицирани лица со Ковид-19 секоја недела во Англија, меѓу тие кои се вакцинирани и тие кои не се вакцинирани.
 
Со споредба на податоците, Дејли Експозе калкулира дека вакциналната ефективност опаѓа од недела во недела и заклучува дека тие што не се вакцинирани се позаштитени од Ковид-19 отколку вакцинираните. Се тврди дека сите над 30 години, кои примиле две дози ќе ја загубат способноста за имунитет за неколку месеци.
 
Ова не е можно. Прво, нема вакцина која има 100 процентна ефикасност. Но, според она што го опишува Дејли Експозе, вакцините имаат 100 проценти ефикасност, односно тие што не се вакцинирани не се заразуваат, а тие што се вакцинирани се заразуваат.
 
Тоа не значи дека вакцинираните не се заштитени од вирусот. Многу од нив може да се изложени на вирусот ама да не се инфицираат. Тие што ќе се инфицираат најверојатно ќе имаат имун одговор кој ќе спречи тежок тек на болеста. Има докази дека вакцините против Ковид-19 со текот на времето ја ослабуваат заштитата и затоа се предлага бустер доза. Но нема докази дека бустерите се предложени зашто тие работат против имуниот систем и создаваат форма на СИДА: Исто така нема причина зошто вакцинацијата би ви ја намалила заштитата против Ковид-19.
 
Освен тоа, како што забележуваат странски проверувачи на факти, бројките користени од страна на Дејли Експозе не може да се користат за да се процени вакцинална ефикасност. Овие бројки се потценети меѓу невакцинираните. Исто така, вакцинираните може да се однесуваат поразлично од невакцинираните луѓе, во поглед на тоа колку се социјализираат.
 
Доктор Грант МекФаден, директор на Центарот за имунотерапија во Државниот универзитет во Аризона, за Асошиејтед прес вели дека не постои СИДА предизвикана од вакцинација.
Имајќи предвид дека милиони луѓе во светот веќе се вакцинирани против ковид 19, досега ќе беше детектирано, ако се појавуваше СИДА после вакцина, рече доктор Грант МекФаден за Асошиејтед Прес.
Пребарување во легитимната биомедицинска литература не пронаоѓа термин ,,вакцинален имунодефицитарен синдром” каков што се споменува во постот што го рецензираме.
 
Истражувањето од Центарот за контрола и превенција на болести на САД покажува дека вакцините против Ковид-19 го засилуваат имуниот одговор.
 
Портпаролот на британската агенција за јавно здравје за Политифакт го демантираше тврдењето дека вакцините го намалуваат имунитетот кај луѓето и тие добиваат СИДА.
 
Лекарот Питер Нордсторм од одделот за општествена медицина во Шведска, тврди дека е дезинформација дека вакцината против ковид 19 значително го ослабува имунитетот кај било која возрасна група.
Исто така, лажно е било кој да тврди дека вакцинацијата резултира во ерозија на имунитетот или стекната имунодефициенција, ако воопшто нешто такво и постои, вели Питер Нордсторм 
Пабло Пеналоза МакМастер, професор по микробиологија и имунологија на Универзитетот Нортвестерн се согласува со ова.
Вакцините против Ковид-19 не предизвикуваат имуносупресија. Ова е дезинформација слична на тоа дека земјата е рамна плоча. Овие вакцини веќе се администрирани на милиони луѓе во светот и податоците покажуваат дека се екстремно ефективни и безбедни дури и кај луѓе со претходни состојби на ослабен имунолошки систем, вели професорот Пабло Пеналоза МакМастер
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина оти вакцините против Ковид-19 предизвикуваат нов вид на СИДА.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар