Skip to main content

Проверка на факти

Видеото од руски војници кои со падобрани се спуштаат над Харков е старо најмалку 8 години

Видеото не е ново и не прикажува руски падобранци кои се спуштаат над Харков. Видеото може да се најде на Јутјуб, објавено во 2018 година, како снимка од воена вежба во Восток, а истото го има и на Фејсбук, споделено на страницата „Made in Russia“ на 18 септември 2016 година.
 |  инфодеск  | 
Падобранци

Видео снимка од наводно илјадници руски војници кои се спуштаат со падобрани над украинскиот град Харков се појави на социјалните мрежи. Видеото за кратко време стана многу вирално, а го презедоа и дел од македонските портали (тука и тука). Според објавеното, освен со тенкови, авиони и со хеликоптери, руските војници со падобрани слетувале на украинска територија.

Нашата проверка покажа дека станува збор за видео старо најмалку 8 до 10 години. 

На социјалната мрежа Твитер се појави чудесно видео на кое се гледа како небото над Украина е начичкано со падобрани, а на прв поглед, ако се земе предвид формата на падобранските крила, целата таа слика наликува на море преполно со медузи, стои во написите.

Снимката од корисникот на Твитер која ја презеле нашите портали е тргната, но истата може да се погледне тука. Таа исто така стана вирална и на Јутјуб (тукатукатука).

Видеото не е ново и не прикажува руски падобранци кои се спуштаат над Харков. Видеото може да се најде на Јутјуб, објавено во 2018 година, како снимка од воена вежба во Восток.

Истото видео го најдовме и на Фејсбук, споделено од Фејсбук страната Made in Russia на 18 септември 2016 година. Според објавата, видеото е направено во 2014 година.

Од сето ова можеме да заклучиме дека видеото за кое се тврди дека прикажува илјадници руски падобранци кои слетуваат над Харков, нема никаква врска со нападот на Русија на Украина кој почна на 24 февруари 2022 година.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар