Британците ја откриваат туристичката тајна наречена Македонија
Веќе неколку години британски новинари го посетуват овој регион и секогаш повторно остануваат вчудоневидени од убавините кои повторно ги откриваат тука. Велат дека со задоволство на своите сонародници ќе им ја откријат најдобро чуваната туристичка тајна, наречена Македонија.
Неодамна во посета на Охридско – струшкиот регион, престојуваше група на британски новинари, од кои некои за прв пат се среќаваат со убавините на овој регион. Едријан Бриџ, еден од уредниците на престижниот британски, „Daily Telegraph“ вели дека посетата на Македонија за него е едно пријатно искуство. Едријан признава дека никогаш не ни помислил дека Македонија би била интересно место за одмор, но еден поглед во прекрасното Охридско Eзеро бил доволен да се роди љубов на прв поглед.
„Мислам дека многу англичани би биле пријатно изненадени. Да бидам искрен не многу англичани знаат за Македонија како туристичка дестинација, секогаш ги гледаат туристичките карти, бараат море и одат во тие региони, но мислам дека навистина пријатно ќе се изненадат кога ќе видат каква голема туристичка понуда има тука, пејзажи, езера, храна, Вевчани, што е еден прекрасен регион, така да мислам дека за британците би било интересно, а и цените се одлични“ појаснува Бриџ.
Неговата сопруга, Тања Бриџ воодушевена од непосредноста, гостопримството и односот кој населението го има кон туристите. И самата љубопитна по природа, Тања вели дека ретко како на друго место во светот, македонците како домаќини се подготвени да им помогнат на гостите во исполнувањето на сите нивни желби. Таа додава дека богатата туристичка понуда, гостопримството и фактот што Македонија сеуште го поседува шармот на минатиот век, ја прави нашата земја интересна туристичка дестинација за Британците.
„Другата работа е убавината, бевме во Трпејца и мирнотијата на езерото кое е совршено мирно, веднаш добивате чувство дека за миг сте успеале да побегнете од се. Одберете било кое време, кој век, кое место, и можете да се пренесете поради мирот и спокојството кое тука ќе го најдете. Прекрасно место. Друго, навистина е шармантно место, не е толку модерно, не е бучно, што е карактеристика за 21 век. Го има оној шарм на минатиот век, времето на моите родители и баби и дедовци“ воодушевена е Бриџ.
Алан Јангмен Соние, еден од соновачите на London Media Direct вели дека ова е негова втора посета на регионов, и дека е воодушевен од тоа колку брзо земјата се менува во позитивна насока кога станува збор за туризмот.
„Овој регион е спектакуларен, се чуствуваме пријатно, како дома кога сме тука. Самиот концепт и идејата за т.н независност на Вевчани е многу интересна за туристите, а уметниците и самата уметничка колонија се феноменални, пленат со еден визионерски концепт. Нашата намера е да ја донесеме вистинската целна група туристи, патници и професионалци од Британија и други региони од Европа и да им ја покажеме можеби најдобро чуваната тајна наречена Македонија“ потенцира Соние.
Британските новинари, покрај Охрид и Струга имаа можност да уживаат во посетата на Вевчанскиот регион, да се запознаат со природните, културно историските и секако гастрономските богатства со кои нашата земја изобилува. Можеби токму оваа посета е она што е потребно на британските туристи да им биде откриена најдобро чуваната туристичка тајна наречена Македонија.