Во струшки „Водовод“ недостигаат мајстори, технички кадар работел во канцеларии

Недостиг од водоинсталатери, електричари и инженери, работници заведени како технички кадар, но распоредени во канцеларии. Кадровската структура на ЈП „Водовод и канализација” – Струга е еден од проблемите со кои се соочува претпријатието. Директорот вели недостигаат основни технички профили, неопходни за одржување на водоводната мрежа и отстранување на дефектите.
„Во нашето претпријатие немаме стручен кадар. Немавме ниту еден геодет, немаме електричари, водоинсталатери, градежен инженер, хидроинженер. Досега не е примен ниту еден нов вработен во администрацијата. Примани се луѓе што ѝ се потребни на институцијата.” – изјави Јованчо Мечкароски, директор на ЈП „Водовод и канализација” – Струга.
Лица кои формално биле водени како градежници, оператори и машинисти, наместо на терен, работеле во канцеларии.
„Примани се работници кои биле водени како градежници, оператори, машинисти, а работеле во канцелариите. Тие биле примени на работни места на кои реално биле потребни луѓе за санирање дефекти и ракување со градежните машини, односно за работа на терен.”- вели Мечкароски.
Претпријатието предвиде околу 14 милиони денари за привремено ангажирање работници, а досега се отпуштени десетина вработени, поради недисциплина и недоаѓање на работа.
Новинар Соња Рилковска








