Струшки вечери на поезијата, фестивалот кој ја деметрополизира културата
Со традиционалното читање на Константиновата „Т`га за југ“ пред Домот на поезијата денеска почнува 55. јубилејно издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.
Поезијата и понатаму останува еден од најважните уметнички и духовни изрази на човековото постоење. Вечева стартува јубилејното педесет и петто издание на интернационалната манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Оваа година лауреатот е едно планетарно име, познатата романсиерка, поетеса, книжевна критичарка и активистка Маргарет Атвуд од Канада. Опстојувањето на фестивалот во овие пет децении секогаш било детерминирано од квалитетот и бројноста на содржините кои тој ги нуди на светската културна јавност.
„Досега на него учествувале околу 5000 поети кои своите поетски пораки ги испратиле од ова малечко место кое ови денови станува една планетарна точка на културата поезијата, хуманоста“ истакна Славе Ѓорго Димоски – претседател У.О. Струшки вечери на поезијата.
Оваа година фестивалот ќе понуди избор на одлична мешавина од најзначајните и веќе прочуени светски поети и оние кои веќе надоаѓаат на светската поетска сцена. Големиот број на содржини кои од година во година ја збогатуваат суштината на оваа манифестација се тоа во насока на деметроплизација на културата. Неформалното дружење преку содржината „Поетско кафе“ е токму во таа насока. Со овие содржинаи Струшките вечери на поезијата ја зацврстува својата улога како креатор на културните политики во областа на поезијата, истакна директорот Мите Стефоски.
„Местото во светската книжевна јавност го има не заради тоа што само е најстар фестивал, туко што е еден од најзначајните кои извршиле влијание токму во тие времиња кога била отежната комуникацијата меѓу истокот и западот кога токму Струга била средиште за градење на тие мостови, кога луѓето зад железната завеса, единствено тука во поетска Струга можеле да се сретнат и да го презентираат своето творештво“ потенцираше Мите Стефоски – Директор – Струшки вечери на поезијата
По официјалното отворање на манифестацијата следува меѓународно поетско читање „Поетски меридијани“. Портрет ќе има и добитничката на наградата „Мостови на Струга“, која СВП и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга, Руна Светликова, а поетски портрети ќе имаат и други учесници на фестивалот.Традиционалното садење на дрво и поетско читање во чест на добитникот на „Златниот венец“, Маргарет Атвуд ќе се одржи в сабота во Паркот на Поезијата. Неизоставен дел од манифестацијата се и поетските читање низ градовите, „Поезија на пат“, што годинава ќе се реализира во Охрид, Битола и Ресен.На јубилејните 55. Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 32 поети од 30 земји.