50-тина стари лица од струшко добиваат нега
20 негуватели, веќе девет месеци се грижат за старите и изнемоштени лица во струшко. Интересот за оваа мерка е голем. Причини се масовното иселување на младите и недостигот на дом за згрижување на луѓето во третата доба во целиот Југозападен регион.
50-тина стари лица добиваат нега, а уште толку чекаат ваква помош, која е од непроценлива вредност за семејствата.
Имаме околу педесетина стари лица кои се корисници на оваа услуга, ја добиваат негата во нивниот дом. Мислам дека е солиден бројот. Имаме тенденција на зголемување на барањата. Кај нас секојдневно доаѓаат да прашуваат дали има слободен неговател – вели Адуриме Даути, секретар во Црвен крст Струга.
Негувателите ја пружаат неопходната помош во извршување на секојдневните активности. Институциите бараат начин за зголемување на нивниот број за да може да се одговори на потребата за грижа на стари лица.
Сите тие лица кои се опфатени со овој проект воопшто ништо не плаќаат само добиваат услуга, за која добро се размисли и ја оформи министерствoто за социјални работи заедно со Светска банка и можам да кажам дека е еден од поуспешните проекти – вели Даути.
Новитет во Струга е тоа што Здружението „Порака Нова“ од следниот месец воведува нови социјални услуги, нега и одмена во домот за лица со алцјахмер, мултиплекс склероза и палијативна нега.
Новинар : Соња Рилковска