Адвокати бараат измена во законот за плати на функционерите
Адвокатска канцеларија од Струга поднесе иницијатива до сите парламентарни политички партии за измена на чл.11 од Законот за плата на избрани и именувани лица, со што основицата за пресметка на платата на фукционерите ќе се утврди како минималната исплатена месечна плата по вработен за претходната година.
Целта е функционерите да покажат солидарност со својот народ во време на криза. Оваа измена на законот е оправдана поради економската криза, а воедно на овој начин ќе се изврши усогласување на платите на избраните и именуваните лица согласно стандардот во државата.
Етички и морално да се направи е функционерите да покажат доблест и солидарност со својот народ, да направат соодветни законски измени за да не го дозволат тоа покажување на платите, кое што е прилично големо – вели Глигор Ќатоски, адвокат од Струга.
Според правниците оваа измена е неопходна од причина што финансискиот надоместок на избраните и именуваните функционери не треба да биде основен стимул за висока државна функција, туку одговорноста да се придонесе за општото добро и јавниот интерес.
На овој начин повторно функционерите ќе добиваат и повеќе од просечните плати, но ќе покажат дека се солидарни со народот, а од друга страна ќе покажат и дека функцијата ја преземаат не заради финансиски привилегии туку заради чин одговорност – додава Ќатоски.
Со одлуката на Уставниот суд на 21 март годинава се укинаа одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со што значително ќе се зголеми основицата за пресметување на плата на функционерите.
Новинар : Соња Рилковска