Холандската поетеса Анеке Брасинга е добитничка на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за 2026 година
Холандската поетеса Анеке Брасинга е добитничка на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (СВП) за 2026 година, соопшти директорот Никола Кукунеш на денешната прес-конференција во МАНУ.
„Голема чест и големо изненадување е за мене што Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата ми го додели Златниот венец за 2026 година. Длабоко сум трогната од ова високо признание, уште повеќе што сум првата холандска поетеса на која ѝ е доделена оваа награда. Тоа ми дава чувство како со овој венец да е одликувана целата холандска поезија и од минатото и од сегашноста. Особено ме исполнува со радост и благодарност сознанието дека дел од мојата поезија се преведува и ќе биде објавена на македонски јазик. И, конечно, ќе ми биде големо задоволство во Охрид да го посетам споменикот и музејот посветени на писателот А. ден Долард. Тој живеел во едно село недалеку од моето родно место, во шумите на Велуве во источна Холандија. Токму тој на холандските читатели им го откри прекрасниот свет на Македонија, а јас уште од детството бев една од тие читатели“, вели Брасинга во изјавата пренесена од СВП.
Како книжевна прозаистка, Брасинга дебитирала под псевдонимот А. Гарденер во првиот број на списанието „Ревизор“ (De Revisor) (1974), со текстот „Од еден дневник“. Нејзините први преводи и есеи исто така се појавиле во „De Revisor“ – во тоа време платформа за нова генерација млади автори силно ориентирани кон странската книжевност. Како поетеса, Брасинга неформално дебитирала во 1985 година со библиофилското издание на нејзината дебитантска збирка, за која ја добила наградата „Треванијан“. Таа збирка била вклучена во „Аурора“ (Aurora, 1987), официјалното деби. Во 1989 година била објавена збирката „Имот“ (Landgoed), за која Брасинга ја добила наградата „Херман Гортер“ – поетска награда на градот Амстердам. Нејзината книга книжевна проза „Клешта“ (Hapschaar) била наградена со ЕЦИ – наградата за литература во 2001 година, поетската збирка „Huisraad“ (1998) со наградата „Пол Снук“ во 2001 година, а поетската збирка „Видик“ (Verschiet) (2001) и со наградата за поезија „Ида Герхардт“ 2002 и со престижната ВСБ – награда за поезија 2002.
Брасинга е родена на 20 август 1948 во Шарсберген. Кога имала една година, нејзините родители се преселиле во блискиот Арнхем. Шестчленото семејство живеело скромно. Како дете, Анекe сакала да стане биолог и многу пешачела низ шумите на Гелдерланд. Од 1967 живее во Амстердам, но исто така сака да престојува и во дивината. Патувала во Индија, Исланд, Ирска и Шкотска. Од 1967 до 1972 година, Брасинга студирала книжевен превод на Институтот за преведување при Универзитетот во Амстердам. Од 1974 година започнала да објавува нејзини преводи. Покрај импресивен број сложени романи, Брасинга преведувала и поезија од Силвија Плат, Харт Крејн, Ингеборг Бахман и Михаел Хофтман. Пишувала есеи за авторите што ги преведувала и објавувала книжевна проза.
Нејзините песни се преведени на германски, француски, англиски, руски, унгарски и шпански јазик.