Skip to main content

Нови исклучителни археолошки откритија на локалитетот Расница кај Корошишта, војничко погребување со комплетна воена опрема

Нови исклучителни археолошки откритија на локалитетот Расница кај Корошишта – Струшко, каде годинашните истражувања открија богато војничко погребување со комплетна воена опрема, меѓу која штит, шлем, копја и меч, како и вредни предмети од злато, бронза и килибар.
 |  инфодеск  | 

Нови исклучителни археолошки откритија се пронајдени на локалитетот Расница кај Корошишта, Струшко, каде годинашните истражувања открија богато војничко погребување со комплетна воена опрема.

Меѓу најзначајните наоди се штит, шлем, копја и меч, како и предмети изработени од злато, бронза, килибар и други материјали. Новото откритие претставува значаен археолошки контекст кој може да даде нови сознанија за воената и општествената структура, погребните обичаи и статусот на лицата погребани на оваа некропола.

Наодите дополнително го потврдуваат карактерот на Расница како некропола од архајскиот период и отвораат нови можности за проучување на елитите кои живееле во Охридско-струшкиот регион во текот на VI век пр. н.е.

Локалитетот кај Корошишта привлече значително внимание во 2024 година, кога археолозите открија монументална гробна целина со исклучително богат материјал. Тогаш беа пронајдени, меѓу другото, бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.

Најновото војничко погребување од 2026 година внесува дополнителна димензија во досегашните сознанија за некрополата. Комплетот оружје и воена опрема може да овозможи попрецизно согледување на статусот, идентитетот и воената улога на дел од лицата погребани на Расница. Со континуираните археолошки истражувања, Корошишта се издвојува како значаен новооткриен археолошки комплекс од архајскиот период и како локалитет од особено значење за проучувањето на историјата на Охридско-струшкиот регион во VI век пр. н.е.

Најновите откритија денеска, 5 октомври 2026 година, ќе бидат официјално презентирани на прес-конференција на самиот археолошки локалитет Расница.

На прес-конференцијата ќе бидат презентирани и првичните сознанија на археолошкиот тим под раководство на д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј.

На настанот ќе присуствуваат директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, како и директорите на НУ Завод и музеј Охрид, Горан Патчев, и на НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга, Цветлана Василевска.