Skip to main content

Големо археолошко откритие кај Корошишта, богат архајски гроб од шестиот век пред нашата ера

Големо археолошко откритие кај струшко Корошишта. На локалитетот Расница е откриен вториот богат архајски гроб од шестиот век пред нашата ера, со целосна воена опрема, златна фолија и вредни предмети. Се претпоставува дека се работи за златна маска постара од требенишката.
 |  инфодеск  | 

Ново откритие на  археолошкиот локалитет Расница во струшко  Корошишта, Археолозите открија втор  богат архајски гроб од шести век пред нашата ера, со наоди кои потврдуваат дека станува збор за значајна некропола. Погребаниот бил припадник со  висок статус, а во гробот се пронајдени целосна воена опрема,штит, шлем, копја, бронзени садови, килибарни наоди,  и златни предмети.

Посебно внимание предизвикува златната фолија  покрај шлемот, за која археолозите претпоставуваат дека станува збор за златна маска постара од Требенишката.

„По значење да, ќе кажам и сега некоја од прва рака некои информации, по значење можеби е значајна, меѓутоа и хронолошки е малку постара, според првите сознанија. Јас пак ќе кажам, ова е сега вчера го откривме гробот, денеска го истраживме, меѓутоа доволно сме искусни за оваа проблематика.Малку е постар од Требенишките и од гробот кој го откривме во 24 година, по монументалност на гробниците што ги откриваме овдека ги надминаа требенишките. И самата местоположба на локалитетот е на самата раскрсница во регионот.“- изјави Перо Арџанлиев – археолог и раководител на истражувањата.

Истражувањата на Расница траат трета година. Археолозите велат дека годинава е откриен комплетниот контекст на погребувањето, што има особено научно значење.

„Повеќе не се работи за едно изолирано, исклучително откритие, а денес сме тука да презентираме дека можеме со сигурност да потврдиме дека се работи за некропола. Како Национален археолошки музеј можам да се обврзам дека ќе продолжиме и понатаму, а истражувањата ќе прераснат во систематски археолошки истражувања на овој простор.“- изјави Магдалена Манаскова – директорка на Националниот археолошки музеј.

Од Управата за заштита на културното наследство највија дека истражувањата ќе  добијат статус на капитален проект, а ќе има и паричен надомест  за сопствениците на нивите.

„Можам да истакнам дека како Управа за заштита на културно наследство, согласно нашите надлежности, ќе предложиме информација до Владата на Република Македонија овие археолошки истражувања да добијат статус на капитален проект, да бидат повеќегодишни, континуирани, за да можеме да дојдеме до повеќе резултати и во делот на презентацијата на богатото културно наследство.”– изјави Весела Честоева – директорка на Управата за заштита на културното наследство.

Археолошките пронајдоци ќе бидат конзервираниа  лабараториските анализи ќе дадат  повеќе информации. Според монументалноста на откриените гробници, Расница би можела да ги надмине досега познатите археолошки наоди од Требениште.