Skip to main content

Археологија

Археолошките богатства на Врбник

Палафитната населба на локалитетот Врбник е евидентирана уште во 80-тите години на минатиот век од локалното население од Струга.
 |  Голабовски Крсте  | 
Врбник

Палафитната населба на локалитетот Врбник е евидентирана уште во 80-тите години на минатиот век од локалното население од Струга, а во 1998 год. започнаа првите подводни истражувања на локалитетот кои ги водеше археолошкото одделение во НУ Музеј на Македонија во соработка со Народниот музеј д-р Никола Незлобински од Струга и Сојузот на нуркачки друштва на Република Македонија, по раководство на археологот Воислав Санев.

Од 2001 год. истражувањата со мали прекини истражувањата ги водеше НУ Музеј д-р Никола Незлобински од Струга, а во последните три години Археолошкиот музеј од Скопје под раководство на м-р Валентина Тодороска, подводен археолог.

Оваа година се продолжи со истражувачкиот проект „Подводни археолошки и интердисциплинарни истражувања и обука на локалитетот Врбник“ како континуитет на минатогодишната кампања и се продолжи со истражувања на нов простор северно од постоечката мрежа, се извади движниот материјал кој се состоеше од бројна кујнска и складишна керамика, а поретко трпезна керамика како составен дел на куќниот инвентар кој се истражуваше. Покрај керамика се открија и повеќе метални наоди (ножиња, врв од копје, срп, секира и др. метални предмети), наоди од камен (толчници и фрагменти од мелници, и една камена секира), бронзен накит (фибула и двојни игли), малку зооархеолошки материјал и се земаа примероци од дрвените колци за дендрохронолошка анализа, односно се извадија примероци за анализа од 22 колци. Беше утврдена и позиционирана местоположбата на колците од палафитната населба од кои се земени примероци за дендрохронолошка анализа. Претходно беше направена подготовка за таа активност што вклучува изработка на целосен план на досега истражени делови од локалитетот во дигитална форма. За таа цел беше направена ревизија на досегашните планови, постоечките колци со мапирање, фотографирање, прибирање податоци и документација на локалитетот.
Истражувањата се одвиваа во периодот од 10 август до 10 септември, а проектот се заврши со презентација и краток видео филм од истражувањата од оваа година на Интернационалниот подводен филмски фестивал кој се одржа од 07 до 10 септември во Скаут – Струга, во организација на Скаут кампот, каде учествуваа и подводни истражувачи од Србија и Хрватска.

Учесниците во овогодинешниот проект беа: м-р Валентина Тодороска – подводен археолог и раководител на проектот, д-р Александра Папазовска, археолог – кораководител, Цветлана Василевска – археолог, Бојан Танески – подводен археолог, д-р Орданче Петров – подводен археолог, м-р Александра Чевреска – археолог, Никола Хаџи-Николов – археолог, Влатко Василевски, фотограф и нуркачки тим: Димитар Стојаноски, Никола Кукунеш, Цветко Мариноски, Слободан Рајковски, Александар Ацев, Тони Василевски, Драги Цветковски, Никола Мартиноски, Јасмина Антиќ и Јоска Динев.

Изразуваме посебна благодарност до Министерството за култура за финансиската поддршка на проектот, НУ Завод и музеј Охрид и НУ Музеј д-р Никола Незлобински – Струга за стручната соработка и помош за реализација на проектот, до Скаут кампот и здружението Норкач од Струга за техничката поддршка и логистиката за реализација на подводните истражувања, како и до Александар Ацев кој го изработи краткиот документарен филм за овогодинешните истражувања.