По барање на градоначалникот на општина Струга, Менди Ќyра, а во координација со директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, беа преземени активности за справување со пожарот на планината Јабланица, информираа од Центарот за управување со кризи.
Како што посочија оттаму поради исклучително непристапниот и тежок планински терен, интервенцијата од копно била значително отежната, поради што беа ангажирани два хеликоптери на Армијата на Република Северна Македонија, кои обезбедуваат воздушна поддршка во гаснењето на пожарот.
Во исто време, во регионот на Струга е евидентиран и друг активен пожар во селото Боговица, каде што надлежните служби дејствуваат со копнени сили.
Надлежните институции се на терен и остануваат ангажирани сè до целосно стабилизирање на состојбата, нагласуваат од ЦУК.