Skip to main content

Автопатот кон Ќафасан ќе се редизајнира поради УНЕСКО

Автопатот Требениште–Ќафасан нема да се откаже, но ќе се менува трасата. По забелешките на УНЕСКО, Владата најавува нов проект што треба да го заштити Охридскиот регион.
 |  инфодеск  | 

Автопатот Требениште–Ќафасан нема да се откаже, но ќе се менува трасата.
По забелешките на УНЕСКО, Владата најавува нов проект што треба да го заштити Охридскиот регион. Делницата Требениште–Ќафасан од Коридор 8 нема да биде укината. Од Министерството за транспорт велат дека новото решение ќе ги избегне заштитените зони и археолошките локалитети.
Целта е да се обезбеди инфраструктурен развој без загрозување на Охридското Езеро и неговото наследство.


„И наша цел е до граничниот премин Ќафасан да имаме автопатско решение или решение со експресен пат, но не смееме да одиме надвор од стандардите на УНЕСКО. Тоа не е шведска маса – ова ни одговара ќе го земеме, ова не ни одговара нема да го земеме. Дури и да не постоеше заштитата од УНЕСКО, мислам дека таа траса е правена во канцеларија, од три причини кои ќе ги кажам. Првата е што поминува низ археолошко наоѓалиште каде се највредните археолошки наоди во Македонија, почнувајќи од златната маска. Никој нема право да го уништи тоа.“- вели вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.


Министерот Николоски посочува дека постојното решение има сериозни слабости, особено во однос на заштитата на културното наследство и поврзувањето со регионот. Како опции се разгледуваат нова траса или прилагодување на постојната, со подобро поврзување кон Струга и аеродромот.


„Тоа е првата работа. Втората е што не е предвидено поврзување со аеродромот. Ние немаме 200 аеродроми, туку два. Што значи дека и да се изгради, граѓаните на Струга повторно ќе треба дополнително да патуваат. Трето, поврзувањето со Струга не е предвидено, затоа што проектот е затворен систем – со влез кај Требеништа и излез пред Ќафасан. Со вакви недостатоци, не можам да влезам во проект вреден 250 милиони евра, кој ќе значи некој од Скопје побрзо да стигне до Ќафасан, а притоа да не го поврзе регионот. Затоа разговараме и бараме решение. Не случајно бевме во Париз – во јуни ќе имаме финален став за најдобрата траса. Ние не велиме дека нема да се гради, туку дека треба да се избере најдоброто решение.“– вели Николоски.

Проектот ќе се усогласува со препораките на УНЕСКО, а новото решение треба да обезбеди подобро поврзување на регионот, без да се загрози природното и културното наследство.