Со фотозамки засилен мониторинг на балканскиот рис на Јабланица

Балканскиот рис е меѓу најзагрозените диви животни во Европа. Неговата популација е критично мала, а за нејзино зачувување, покрај заштитата на живеалиштата и спречувањето на криволовот, неопходно е и следење на генетската разновидност. На работилницата во Вевчани, околу 70 научници од Европа разговараа за најновите методи за истражување и мониторинг на рисот, а дел од активностите се одржаа и на падините на Јабланица.
„Се собраа во Вевчани околу 70 научници и разговаравме за сите најнови научни достигнувања во истражувањето на популациите на рисот. Беа презентирани нови методологии што се применуваат во Европа, како и комбинирање податоци од различни популации за да се одговорат одредени научни прашања.” – вели Диме Меловски, раководител на Програмата за закрепнување на балканскиот рис во Македонското еколошко друштво.
Мониторингот на Јабланица има посебно значење бидејќи планината е дел од прекуграничното подрачје со Албанија. Од албанска страна неодамна била фотографирана мајка рис со младенче, што укажува дека размножување е можно и надвор од поширокиот мавровски регион. Македонското еколошко друштво најавува продолжување на мониторингот од двете страни на границата, за да се утврдат бројот на единки и состојбата на популацијата.

„Оваа година се договараме со колегите од Албанија да направиме заеднички мониторинг од двете страни, од страната на Шевереник и од страната на Јабланица, со цел да знаеме точно колку е густината, за колку рисови се работи и дали имаме репродукција и од наша страна.”– вели Меловски.
Мониторингот се спроведува со фотозамки што автоматски фотографираат, а податоците се анализираат според карактеристичните шари на крзното, по кои може да се препознаат одделни единки. Така научниците утврдуваат колку рисови се движат на одредено подрачје и ја проценуваат густината на популацијата.

Според Меловски, во Македонија се проценува дека има околу 30 возрасни единки, додека за подрачјето на Јабланица се надеваат дека мониторингот ќе покаже присуство на четири до шест единки. Тоа допрва треба да се потврди со теренските истражувања.
Заштитата на балканскиот рис бара долгорочна соработка меѓу научниците, институциите и локалните заедници, особено во прекуграничните подрачја каде што животните се движат независно од државните граници.




