Бектеши: До 2020 година, во нашата земја ќе престојуваат над еден милион туристи
До 2020 година, во нашата земја ќе престојуваат над еден милион туристи со над три милиони ноќевања. Вакви се очекувањата на Министерот за економија Крешник Бектеши, кој денес оствари работна средба со претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Струга имаше состанок со претставници на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови ХОТАМ, предводени од претседателот Крсте Блажевски. На средбата се разговараше околу подготовките за туристичката сезона и за интересот на граѓаните за користење на мерката на Владата за поддршка на домашниот туризам за работници со ниски приходи, која е со рок за аплицирање до 31.05.2018 година. Министерот Бектеши истакна дека оваа година за месец јануари и февруари во споредба со истиот период минатата година имаме раст на домашни и странски гости над 17%.
„Пред да ги дадеме изјавите разговаравме со претседателот на ХОТАМ и ме радува фактот дека нивните капацитети веќе се полни. Истовремено хотелиерите очекуваат дека во текот на целата туристичка сезона капацитетите да им бидат полни, бидејќи веќе имаат и резервации. Треба да се инвестира не само од страна на приватните субјекти туку истовремено и од државата и од локалната власт за да ја подобриме инфраструктурата и да дадеме можност за да креираме нови мерки каде зголемувањето би било континуирано. Ние како министерство работиме на тоа но и очекуваме дека во 2020 година во Македонија ќе има над 1 милион туристи и 3 милиони ноќевања“
Се прават последните подготовки пред стартот на туристичката сезона за 2018 година вели Крсте Блажевски, претседателот на ХОТАМ
„Денешниот состанок е од голема полза, како што спомна и министерот очекуваме плодна сезона со раст од 15 до 20%. Тоа ни дава до знаење дека треба да размислуваме на последниот осврт за зголемување на капацитети односно за изготвување на ДУПови на целото охридско крајбрежје со што би се зголемиле капацитетите кои може да потврдиме дека во последниве неколку години имаат раст од 5 до 10 % и повеќе“
Од ХОТАМ велат дека досега околу 20% или мал дел од барањата на хотелиерите односно од предложените мерки до Владата биле исполнети. Од Министерството за економија ветуваат дека сите релевантни институции ќе работат за исполнување на барањата на хотелиерите.