Skip to main content

Борците од НОБ се сеќаваат на судбоносниот 9ти мај 1945та и победата над фашизмот

Денес со положување свежо цвеќе кај „Споменикот на револуцијата“ и пригодна реч тие ја одбележаа седумдесет годишнината од победата над фашизмот и Денот на Европа. Со посета на споменикот на револуцијата, победата и слободата „Кременатец“ и положување свежо цвеќе на спомен обележјата на паднатите борци во НОБ, Денот на победата над фашизмот го одбележаа и борците и продолжувачи на делото од Охрид и Дебрца.

 |  Мишел Наумоски  | 
spomenik nob

Струшките борци се присетија на судбоносните настани од 9ти мај 1945та година и радосната вест за победата над фашизмот.

Денес, тие, заедно со претставници од политичките партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, положија свежо цвеќе пред „Споменикот на револуцијата“ во Струга, а пригодна реч одржа и претседателот на сојузот на борци и граѓани продолжувачи од Струга, Ајредин Мемеди. Дел од свеченоста беше и еден од малкуте живи сведоци на последните денови од фашистичката окупација, борецот Илија Балоски. Тој за ТВМ раскажа како утрото, на 9ти мај, бидејќи бил дежурен офицер, тој од началникот на штабот ја добил наредбата да оди во Охрид и во општината да ја соопшти веста дека Германија потпишала безусловна капитулација.

spomenik NOB„Градот стана на нозе кога веста беше потврдена од страна на претставниците на општината дека е потпишана безусловна капитулација, се претвори во празник на градот, јас тоа сакав да го доживеам во Струга, но ете го доживеав во Охрид бидејќи бев дежурен офицер во гарнизонот таа вечер. Охрид стана на нозе, машко, женско, старо и младо, како и во текот на борбата, во текот на тие четири години окупација, така и тој ден. Радоста се манифестираше на сите можно човечки и граѓански форми и начини, се пееше, се играше.“-емотивно раскажа Балоски.

70 годишнината од победата над фашизмот, со свечена програма ја одбележа и општинската организација на Сојузот на борци од НОБ и граѓани продолжувачи од Охрид и Дебрца. Тие положија свежо цвеќе на споменикот на револуцијата, победата и слободата „Кременатец“ како и на спомен обележјата на паднатите борци.

Пригодна реч имаа претседателот на сојузот на борци Гоце Георгиески, Наце Иваноски, професор по историја и градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски. Беа посетени и спомен собата на НОБ и ликовната колонија во Белчишта, а беше приготвена и културно-уметничка програма.