Бројни проекти за Октиси
Струшко Октиси на мапата на приоритети од програмата на Д-р Владимир Кочоски, заедничкиот кандидат за градоначалник на Струга. Прв приоритет, реализација на проектот со кој ќе се реконструира патната инфраструктура од Октиси до Долна Белица, изградба на фекална канализациона мрежа, изградба на покриен пазар, како и изградба на мултинаменско спортско игралиште.
Програма со проекти, без боја, верско или национално обележје. Точно таква програма имаме изработено, бидејќи тоа и треба на Струга и струшко за да се сочува соживотот во една мултиетночка средина, изјави Д-р Владимир Кочоски, заедничкиот кандидат за градоначалник на ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ од Струга.
„Денес се наоѓаме во Октиси, место кое со својата местоположба има огромен потенцијал за развој кој на граѓаните може да им обезбеди пристоен и достоинствен живот.
Во мојата програма меѓу другото, за Октиси е планирано и ќе се спроведе реконструкција на патниот правец од Октиси до Долна Белица, кој со години е најгорливиот проблем за октишани. Во Октиси во мојот мандат ќе отпочне изградба на фекална канализациона мрежа. Со јавно приватно партнерство ќе се изгради покриен пазар со што жителите на ова место ќе можат да купуваат храна по повисоки стандарди. Во Октиси ќе биде изградено и мултинаменско спортско игралиште за да можат младите да спортуваат и правилно да се развиваат“.
Меѓу првите и најважни приоритети во програмата на д-р Кочоски, како што и самиот потенцира, ќе биде неговата заложба за интеграција на сите етникуми кои живеат во Струга и струшко.
„Во првиот месец од мојот мандат ќе предложам Турскиот јазик да го воведеме како трет службен во општина Струга, затоа што тоа го заслужува и му треба на нашиот град. Без разлика каде, на која вера и нација припаѓаме, сите ние во Струга имаме потреби, на сите нас ни требаат реални можности за да живееме пристоен и достоинствен живот. Оваа програма и јас како градоначалник тоа го нудиме, а сигурен сум дека граѓаните на Струга тоа го препознаваат“.
Мештаните на Октиси беа максимално гостопримливи и посебно внимание му посветија на Д- р Кочоски. Дел од нив со Кочоски ги споделија проблемите со кои се соочуваат, воглавно оние исти проблеми за кои кандидатот за градоначалник се обврза дека ќе ги реши доколку ја добие довербата на октишани.
{loadposition content9}