Почна чистењето на ресите во градскиот дел од коритото на Црн Дрим

Почна традиционалното косење на ресите во градскиот дел од реката Црн Дрим во Струга, а активностите треба да завршат најдоцна до 3 јули.
Акцијата и оваа година ја организира Подружницата ХЕС „Црн Дрим“ при АД ЕСМ.

-Иако, за нас ова не претставува законска обврска, водени од желбата за зачувување на автентичната убавина на Струга и чистата животна средина, веќе со години наназад целосно ја организираме и реализираме оваа акција. По навремено спроведената тендерска постапка и изборот на специјализирана компанија за чистење на речното корито, активностите на терен официјално започнаа денес, а предвидено е комплетно да завршат најдоцна до петок, 3 јули, информираа од АД ЕСМ,


Оттаму објаснуваат дека крајот на јуни е избран како најсоодветен период за ваков зафат, бидејќи на тој начин се спречува пребрзото повторно израснување на водната вегетација во текот на летната сезона.
Најавуваат дека второ косење на ресите е планирано кон крајот на октомври, со цел речното корито да биде исчистено и уредено пред одбележувањето на празникот Водици.







