Се чисти Црн Дрим од ресите-потенцијалната опасност за капачите
Екипи од хидроелектраната „Глобочица“ деновиве работат на отстранување на ресите иако како што велат тоа не е нивна законска обврска.
Се чистат ресите од реката Црн Дрим во Струга. Екипи од ХЕЦ „Глобочица“ деновиве работат на отстранување на овие реси кои поради топлото време и помалиот истек годинава нараснаа повеќе од вообичаено. Не само што прават грда слика на една од најубавите реки во земјава, нараснатите реси претставуваат и потенцијална можност за загадување на водата во Црн Дрим, но и опасност по капачите кои во текот на летните месеци се капат во реката.
Директорот на ХЕЦ „Глобочица“, Тони Маркоски вели дека акцијата за чистење на коритото на Дримот од ресите ја спроведуваат години наназад како општествено одговорна компанија.
„Ние како компанија немаме обврска да ги сечиме ресите односно да го одржуваме коритото во урбаниот дел на градот. Ние ова сечење го вршевме и порано и го вршиме и сега, единствено како компанија со општествена одговорност. Само да не дозволиме да помисли некој еве овие управуваат со водите, а не се грижат за коритото и да дојде до поголемо загадување на градот.“-рече директорот на ХЕЦ „Глобочица“, Тони Маркоски.
Маркоски вели дека ваквата нивна акција во минатото била злонамерно протолкувана и дури се соочиле со правни постапки против компанијата.
„Беше нападната таа законска можност како општествена одговорност да ги користиме средствата на компанијата заради чистење на коритото и овозможување на граѓаните подобри услови за живот. Дури имавме во 2002 година и кривична пријава зошто сме трошеле пари од компанијата за одржување, средства кои не се основни средства на компанијата. Па со судни маки се потрудивме покажувајќи ги овие стандарди и политиката на општествена одговорност дека може да потрошиме некои средства за подобрување на условите за живот на граѓаните низ оние предели каде ја користиме водата.“-вели тој.
Маркоски додава дека Законот за води предвидува и можност за формирање на Координативно тело кое би можело да изготвува план за чистење на сливови и со средства од Министерството за животна средина да ги одржува реките.
Инаку акцијата за сечење на ресите во Црн Дрим е при крај, и најдоцна до почетокот на наредната недела таа ќе биде завршена.
{loadposition content9}