Skip to main content

Реакција

Дали Струшките вечери на поезијата ќе се вратат на стружани?

Друштвото на писателите на Македонија одржа трибина за литературните манифестации, а меѓу другото се произнесе со остра реакција за лошото раководење со СВП.
 |  инфодеск  | 
Струшки вечери на поезијата

Реакција на стружани: ДАЛИ СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА ЌЕ СЕ ВРАТАТ НА СТРУЖАНИ?

Пред некој ден доајенот на македонското новинарство Наум Бајо преку својот профил го постави прашањето за тоа до кога Директорот на Струшките вечери на поезијата ќе живее во Скопје, а со институцијата ќе раководи од дома.

Еве меѓу другото што пишува Наум Бајо на својот Facebook профил:

Зошто Владата на Македонија и надлежните служби, дозволија, веќе неколку години, директор да биде личност, кој живее во Скопје?! Доаѓа во Струга само за време на програмските денови, и се враќа во Скопје. Ваква, непримерна, луда, кадровска политика – нема никаде во светот! Стружани, отворено негодуваат и реагираат. Владата на Македонија, ова веднаш да го спречи. Струга не е провинција! Има квалитетен стручен кадар, од сите профили. Не сакаме да го примениме, она најлошото: БОЈКОТ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА.

ДА ИЗЛЕЗЕМЕ НА УЛИЦА, И ПРЕД ПОЕТИТЕ, СО ПАРОЛИ И ТРАНСПАРЕНТИ… МОЛИМЕ ЗА СЕРИОЗНОСТА НА ОВОЈ КАДРОВСКИ ПРОБЛЕМ – напиша новинарот Наум Бајо.

Друштвото на писателите на Македонија одржа трибина за литературните манифестации, а меѓу другото се произнесе со остра реакција за лошото раководење со СВП.

Трибината ја водел Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, а причина за одржувањето на трибината била иницирана од бројните реагирања на писателите до Друштвото на писателите, но и реакциите преку медиумите и социјалите мрежи.

Покрај воведното искажување на модераторот на трибината, со жестока критика кон Националната установа ,,Струшки вечери на поезијата” настапиле писателите Трајче Кацаров, Славчо Ковилоски и Марина Мијаковска. Биле прочитани и писмените обраќања на Борче Панов и Ивица Челиковиќ, исто така со јавна критика кон СВП. Со остра критика настапиле и други учесници на трибината.

Почитувана Министерке за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, крајно време е да преземете соодветни чекори и да го слушнете гласот на Друштвото на писателите на Македонија, но и да го слушнете гласот на стружани. Замислете си како би ве пречекале битолчани кога Вие во Битола би назначиле директор од Скопје. Пример да назначите во Домот на културата во Битола, во Офицерскиот дом во Битола, или некоја друга национална установа, а при тоа во своето работење институцијата да ги има најслабите резултати во досегашното работење. Всушност, тоа се потврди и на трибината од Друштвото на писателите на Македонија, а истото ви го потврдуваат и жителите од Струга. Министерке за култура, најрелевантната институција за книжевност е Друштвото на писателите на Македонија, тие како и стружани си го кажаа своето, сега Вие сте на потег.

Автор Димче Шипинкаровски – претседател на манифестацијата ,,Струшки книжевни средби”, главен и одговорен уредник на списанието за литература ,,Бранувања” и администратор на порталот ,,Македонска поетска ризница”.