Несовесни граѓани повторно демолираа детски реквизити во Вевчани

Општина Вевчани најостро го осуди новиот случај на вандализам во детскиот парк, откако по третпат беа уништени детските реквизити од страна на несовесни граѓани. Од локалната самоуправа информираат дека ваквите постапки нема да останат неказнети и најавуваат преземање на сите неопходни мерки за откривање и санкционирање на сторителите.
-Ова е трет пат како овие реквизити се уништуваат од страна на несовесни граѓани и истите нема да останат несанкционирани, вели Градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски.
Градоначалникот и управата апелираат до секој еден совесен граѓанин кој има сознанија за овој или за слични вандалски чинови да се обрати до Општина Вевчани и да сподели информации кои ќе помогнат за спречување на вакви дела.
Исто така, во нивното соопштение додаваат дека апелираат и до сите корисници на детскиот парк по користење на истиот да се потрудат да го остават чист со цел на нашите најмили да им оставиме побезбедна и поздрава средина за рекреација.







