Дримскиот басен се соочува со сериозни закани од загадување, урбанизација и климатски промени

Загадувањето со ѓубрива, пестициди и отпадот, како и урбанизацијата и климатските промени, се меѓу најголемите закани за Дримскиот басен. Тие ја нарушуваат биолошката разновидност и ги деградираат екосистемите. На 10-тата Дримска конференција беше најавена подготовка на Акциски план, а петте држави од сливот со буџет од 7,5 милиони евра ќе работат на подобра заштита на природните ресурси.

„За да се инвестира во подобар животен стандард, предвидуваме акциски план кој ќе биде прилагоден за секоја од државите што се вклучени, согласно нивните економии, за да се спроведе одржлива животна средина, да се обезбеди питка вода и да се заштити животната средина”, изјави Димитрас Фолоутсос, координатор.
Прекуграничната соработка останува клучна за справување со предизвиците во сливот на реката Дрим, како и за зачувување на природното наследство.
„Во таа насока се очекува да се формираат експертски и институционални тимови кои ќе го започнат процесот на подготовки за изработка на Стратегија за управување со реката Дрим. Веруваме дека ваквиот договор ќе претставува силен меѓународен инструмент кој дополнително ќе ги зајакне механизмите за заштита, управување и одржливо користење на ресурсите во сливот”, истакна Александар Николоски, вицепремиер.
Темите на конференцијата беа поврзани со усогласувањето на Стратешкиот план за Дримскиот басен со Зелената агенда на Европската Унија, со акцент на заштитата на водните ресурси.

Новинар: Соња Рилковска




