Skip to main content

Дрвокрадците ги пустошат шумите

Нелегалната сеча продолжува да го загрозува шумскиот фонд, а со почетокот на грејната сезона се очекува дополнително зголемување на притисокот врз шумите. Надлежните најавуваат засилени контроли и повеќе шумски полицајци на терен. Во една од последните акции на Јабланица, двајца жители на Подгорци биле затекнати при нелегална сеча на 43 стебла буково дрво.
 |  инфодеск  | 
кубирани дрва

Дрвокрадците   ги соголуваат шумите. Нелегалната сеча и трговијата  со дрва на „црно” е особено актуелна на  стартот на грејната сезона.. Министерството најавува засилени контроли преку Шумската полиција и координирани акции со другите надлежни институции. Во изминатиот период шумската полиција заплени 500 метри кубни нелегална сеча дрва.

„Без разлика што сега започнуваме со грејната сезона, овие криминални активности беа присутни и во изминатиот период. Тие, на еден начин, се подготвуваат, но затоа ние ги засиливме контролите преку Шумската полиција. Во изминатиот период имаме повеќе успешни акции, кои ќе продолжат и во иднина, заедно со сите останати институции што се засегнати од сузбивањето на овој вид криминал.” – вели Борче Серафимовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За справување со дрвокрадството, надлежните најавуваат и зајакнување на кадровските капацитети. Во Шумската полиција веќе се вработени околу 80 нови припадници, а во тек е оглас за прием на уште 40. Министерот посочува дека целта е да се зголеми присуството на терен и да се заштити шумскиот фонд.

„Шумската полиција е на терен. Ги засиливме човечките ресурси со дополнително вработување на околу 80 нови шумски полицајци, а во моментов имаме и активен оглас за уште 40 шумски полицајци. Ги охрабрувам сите луѓе кои сакаат да ја заштитат и зачуваат природата во Република Македонија да се пријават на овој оглас, за да бидат во интерес на државата и заедно со останатите колеги да го заштитуваат шумскиот фонд што го имаме.”– посочи министерот.

При последнат акција полицијата затекна двајца жители на струшкото село Подгорци кои вршеле нелегална сеча на дрва во месноста Подгоречки бачила.

–        При координирана акција на полициски службеници и Шумската полиција, двајцата мажи, на возраст од 46 и 45 години, биле затекнати при нелегална сеча на 43 стебла буково огревно дрво. Дрвата ги товареле во патнички возила од марките „Опел”, „Застава” и „Сузуки”, со намера нелегално да ги транспортираат.По насоки на јавен обвинител и по целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена кривична пријава по член 226 од Кривичниот законик, за кривичното дело „Пустошење шуми”.

Акциите и засилените контроли треба да придонесат за спречување на нелегалната сеча и заштита на природата.

Соња Рилковска