ДУП-от за струшко крајбрежје-топ тема на седница на совет
Останатите точки на дневниот ред на советот на општина Струга, паднаа во сенка.
Со задоцнување од еден час од закажаното време отпочна 39 тата седница на струшкиот Совет. Пардон за доцнењето немаше од страна на претседателот на Советот, но затоа пак, седницата почна со извинувања и забелешки на дел од советниците, во врска фамозниот ДУП за крајбрежниот појас. Мацески пред се од морален аспект, побара предлог одлука за поништување на предлог одлуката за НП на локалното крајбрежје. Крајна цел на ваквото барање би било да се изготви друг план кој ќе биде во интерес на граѓаните, додаде тој.
„Сакам да кажам дека ние како советничка група кои што гласавме за овој предлог Нацрт план, длабоко им се извинуваме, сакам да кажам без никаква намера на некој да му наштетиме без никакви интереси морално и кривично стоиме пред сите“-рече советникот од СДСМ, Илија Мацески.
„Во интерес на вистината и на граѓаните она што се случуваше после тоа значи точно е дека гласавме за предлог нацрт меѓутоа точно е дека не бевме координирани и дека не бевме доволно информирани без стручна подготовка и стручна подршка, заради ваквата работа јас поднесов оставка на позицијата претседател на општинска организација. Значи јавно сакам да се извинам на граѓаните, значи со тоа навистина не сакав да постигнам нешто лошо, ниту мислев дека таква реакција ќе се случи после тоа.“-вели советникот од СДСМ Александар Попоски.
Во име на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ, советничката Јулијана Зуноска, во врска нацрт планот за крајбрежјето, бара да се преиспита законитоста на одлуката, бидејќи сметаат дека не треба да се гласа за една ваква одлука која ги има пробиено сите законски прописи и е незаконска.
„Зошто не го почитува Законот за просторно планирање, поточно не постапува по член 23 од истиот закон каде децидно стои по носењето на одлука за нацрт-детален урбанистички план значи за крајбрежјето мора да се објави јавен повик за отворање на јавна расправа и јавен увид на истиот каде што ќе можат граѓаните и другите релевантни фактори да поднесуваат свои забелешки и претставки. Дали со неспроведувањето на оваа активност и непочитувањето на законските прописи, овој акт е ништовен и надвор од законска важност.“-рече Јулијана Зуноска- советничка на ВМРО ДПМНЕ.
Ние бевме едниствените кои баравме повлекување на оваа точка од дневен ред и не добивме поддршка, која пак денес е во фокусот на седницата, забележува Никола Затуроски од ВМРО – ДПМНЕ. Со оваа изјава малку се налути Сретен Бандоски од ЛДП, кој потенцира дека добар дел од советниците несвесно гласале за оваа точка бидејќи никој не им ги предочил забелешките кои следуваа пост фестум.
„Ние како ВМРО-ДПМНЕ бевме комплетно свесни за сето она што содржеше тој нацрт урбанистички план и ви кажувам ние имавме два и пол часовен состанок пред седницата разговарајќи од сите 20 точки на дневниот ред за само една точка, точка број 19 од минатата седница. И уште нешто сакам да потенцирам, свесноста или несвесноста за носењето на таква една одлука вие можевте многу добро да ја направите бидејќи сте член на комисијата за урбанизам. Ве молам немојте вака да не напаѓате ние што сме гласале против таа одлука, да не напаѓате дека сме биле и ние несвесни.“-изјави Никола Затуроски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не реков дека вие сте виновни што сте гласале против, туку реков дека еден ваков план треба да се донесе со широк консензус безразлика кој како гласал, за, против и воздржан. Ете можеби не реков, но сега така велам, се поправам, нека ви биде и така. Но еве вие гласавте против, јас гласав воздржан. Зошто вие во дебатата кога сте дебатирале толку и толку саати на вашите седници, ниеден збор не кажавте овде, не рековте господине Сретен вие сте во грешка и овде овие не се добри работи.“-реплицираше советникот од ЛДП, Сретен Бандоски.
Затуроски потенцира дека се било кажано во врска штетноста од донесувањето на тој план и што се ќе настрада, и тоа јавно во дневникот на ТелевизијаА ТВМ. Натмир Неџипи, раководителот на Секторот за урбанизам, повторно пред советниците ја појасни процедурата за донесување на еден ваков Нацрт план. Според него нема отстапувања од законската рамка. Во тоа го поддржа градоначалникот Рамиз Мерко. Реакциите на советниците од СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, според градоначалникот се обид за упад на политика во Советот.
„Воопшто никој не направил прекршок односно донесол некоја одлука или изгласал некоја одлука што на некому му штети. Јас повикав и прес конференција после тоа, сум разговарал со скоро сите вас и со многу граѓани. Навистина ми е жал што така излезе да некој влезе советот и не искара, тоа не треба да го прифатиме. Значи во оваа одлука која се донесе тука зошто треба да се нападне Александар Попоски или други или трети, зошто не ги напаѓате ДУИ, ДПА, Нова Демократија, нас не делите? Зошто да не делите, кој ви даде право да не делите? Вие сакате помеѓу вас да правите политика.“-рече градоначалникот Рамиз Мерко.
Покрај забелешките на советниците за предлог одлуката на ДУП-от за промена на крајбрежниот појас, советничката на ДПА, Љуљзиме Зулали забележа дека стружани се соочуваат со голем и тежок проблем во врска одржување на хигиената на градот и оти за тоа требало да се свика итна и вонредна седница. Абдула Ќазими од Нова Демократија, повторно го наметна прашањето во врска концесиите за каменоломите во Струшкото село Лабуништа.
{loadposition content9}