Дупките, „декор“ нa струшките улици
Возачите револтирани и нервозни коментираат дека ги испокршиле возилата, па одговорноста ја бараат од локалната.
Ги испокршивме автомобилите, менуваме амортизери на секоја месечина, изложени сме на ризик од сообраќајни незгоди. Ова се само дел од коментарите на возачите кои поради разни цели мора да поминат низ струшките улици. А возејќи низ нив, има и што да видат. Улиците се во катастрофално лоша состојба со бројни незакрпени дупки кои буквално зјаат одсекаде. Возачите за ваквата состојба се видно револтирани и прстот го вперија кон Локалната самоуправа во Струга.
Првиот човек на општината, градоначалникот Рамиз Мерко, свесен е за состојбата во врска патната инфраструктура во градот и согласен е дека дупките прават проблеми во сообраќајот. Вели, дека уште денес презеле обврска во координација со „Македонија пат“, да излезат на терен и да се нафатат за најбезболно надминување на овој сериозен проблем.
„За жал оваа состојба денес е видлива и преземаме активности за да се среди состојбата и на локалните, магистралните и регионалните патишта. Деновиве разговарав и со Македонија пат бидејќи тие патишта се руинирани со дупки, значи во делот на регионалниот пат Струга – Дебар, пред неколку дена сите дупки се крпеа со ладен асфалт, рече градоначалникот“
Мерко вети дека за брзо време ќе ги закрпи локалните дупки. Но истакна дека ќе се погрижи и за останатите дупки во градот поточно за оние кои се под државна капа, а каде пак според него состојбата е позагрижувачка. Градоначалникот смета дека ниту овој зафат не е идеалното решение за надминување на проблемот.
„Со ладниот асфалт нема да решиме ништо, тоа е времено решение, но со тендерот за крпење дупки и асфалтирање на улици мислам дека ќе ги решиме сите состојби во градот и населените места“, додава тој.
Досега не е направена проценка колку средства се потребни за санирање на патиштата. Мерко вели, колку и да чини проблемот мора да се реши. Само за крпење на ударни дупки од годинешниот општински буџет веќе се издвоени средства во висина од 7 милиони денари. Додека пак за асфалтирање на патишта има средства во висина од 30 милиони денари, додава тој. Градоначалникот не гледа одговорност во Локалната поради проблематичните улици во градот, од аспект дека досега немало временски услови за делување на терен, поради лошото време. Но стружани велат дупките не се од вчера и овој проблем се провлекува години наназад и крајно време е еднаш засекогаш да се затвори оваа тема.
{loadposition content9}