Едно лице го загуби животот, а две се тешко повредени во вооружен инцидент во Долна Белица
Едно лице го загуби животот, а две се тешко повредени во вооружен инцидент во Долна Белица.
Едно лице е убиено, а две се повредени со огнено оружје во инцидент кој синоќа околу 22.30 минути се случил на патот кон струшкото село Долна Белица. Убиството и обидот за убиство се извршени со пиштол и автоматско оружје, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
„ Од здобиените повреди на место на настанот починал 23 годишен жител на струшкото село Горна Белица, еден 18 годишник е тешко повреден, а 45 годишен жител од Велешта е тешко повреден. Тој е пренесен во Општа Болница Струга, и му е извршена хируршка интревенција“, информира Димоски.
Повреденото 18годишно лице е пренесено на скопските клиники заради сериозноста на повредите. На местото на настанот на увид излегле јавниот обвинител и полициски екипи од Охрид и Струга.
„Во тек се интензивни оперативни мерки со цел пронаоѓање на сторителот и целосно расветлување на настанот. Сите мерки се одвиваат во насоска на јавниот обвинител, а целокупниот состав на СВР Охрид и полициската станица од Струга се на терен и се преземаат мерки за да се пронајде сторителот“, напоменува Димоски.
Направено е криминалистичко-техничко истражување и се пронајдени и дадени на вештачење чаури од пиштол и автоматско оружје. Мотивите за убиството и обидот за убиство засега се непознати, а заради интерес на истрагата не се откриваат детали дали лицата имаат криминално досие и дали станува збор за меѓусебна престрелка или оружен напад.