Економско дипломатски караван во Струга
Потребни се итни економски мерки за ублажување на последиците од светската економска криза. Да запре миграцијата на младите стручни кадри и отворање на нови работни места. Само така може да се намали високата стапка на невработеност во Југозападниот регион во земјава. Ова се дел од заклучоците на првиот економско – дипломатски караван. Караванот се одржа во Струга, во организација на министерството за наворешни работи.
Пред европските амбасадори беа презентирани економските потенцијали на компаниите и инвестициските потенцијали на Југозападниот плански регион, со цел да се отворат нови можности и пазари за домашните компании.
„Ова е еден од начините, нови инвестиции, креирање нови работни места. Всушност, ова е еден од обидите да ја подобриме состојбата на економски план во Југозападниот регион. Инаку, во регионот има 7200 активни фирми, а стапката на невработеност е 24,1%, што е се уште висока“ – вели Мирјана Лозаноска од Југозападниот плански регион.
Заменик министерката за надворешни работи очекува за една година силни економски резултати од дипломатските каравани во земјава.
„Целта ни е да носиме нови инвестиции. Сега е време на криза, но очекуваме за една година да имаме поголем успех и да се види резултатот на овој почеток на економско дипломатскиот караван“ – вели Фатмире Исаки, заменик министер за надворешни работи.
Претседателот на Советот на Југозпадниот регион Мерко, повика на спроведување на законот за регионален рамномерен развој.
„Не се имплементира законот. 1% од бруто домашниот производ, според кој, за секој регион би имало над 10 милиони евра годишно. Се доделуваат едвај, во последно време, скоро 1 милион евра по регион“ – рече Рамис Мерко, претседател на Советот на Југозападниот регион.
Анализите покажуваат дека најпогоден во пандемијата е туристичкиот сектор, кој е главен во Југозападниот регион во земјава. Потоа следат услужните и трговските дејности.
Новинар Соња Рилковска