Skip to main content

Тим експерти утре на состанок со Градоначалникот на Струга

Експертите ќе му објаснуваат на Мерко што значи да се биде дел од заштитен регион

Проблемот со дивогрaдбите  во Струга е најголем, според  експертот од Бернската конвенција д-р Андреј Совинц. Утре претставниците на Рамсарската , Бернската конвенција и експерти од Унеско ќе се обидат на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко да му го објаснат значењето на конвенциите кои се однесуваат и на Струга како  дел од Охридскиот регион.
 |  инфодеск  | 
Струга

Состојбата  во Струга е полоша отколку во Охрид, смета експертот од Бернската конвенција д-р Андреј Совинц.  Утре претставниците на Рамсарската , Бернската и Унеско конвенцијата ќе се обидат на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко да му го објаснат значењето на конвенциите кои се однесуваат и на Струга како  дел од Охридскиот регион.

„Може да има развој, може да има туризам но ќе мораме сите да се потрудиме подрачјето да опстане како светска исклучителна  природна и културна вредност . Оние кои гледаат напредок само во вид на развој на масовен туризам или градење треба да знаат дека ќе мора да се направи некој компромис,  бидејќи вака не може да се продолжи понатаму. “ – вели Совинц.

Проблемот со дивоградбите  во Струга е најголем, според  експертот од Бернаската конвенција и консултант за природа во заштитени подрачја, но општината ги има и останатите проблеми  кои се однесуваат на целиот регион.

„Една препорака сигурно ќе биде во насока да се најде некој кој ќе управува на терен  а не во смисла да се пишуваат нови планови , нови комисии кои седат некаде во канцеларии. Потребно е едно тело кое ќе управува со светското наследство на овој регион опфатено со конвенциите Рамасарска, Бернска, УНЕСКО, Емералд подрачја, заштитени ентитети  на национално ниво како национални паркови, споменици на природата . Управување на терен а не од канцеларии.  Друго што  е многу значајно е воспоставување на врска помеѓу просторното планирање и управувањето со подрачјето. “ – потенцира д-р Совинц.

Не може некој од локално ниво да влијае врз она што државата се обврзала да го почитува кога потпишала конвенција, било да е тоа УНЕСКО , Бернска, Рамсарска.

„Разликата помеѓу меѓународните конвенции и останатите закони се состои во тоа што меѓународните конвенции се веќе закони кои не мора да се  пренесат во националната легислатива туку оној момент кога Македонија ги  потпишала конвенциите таа автоматски прифатила се што произлегува од нив“ –  дециден е Совинц.

Инаку, Општина Струга е критикувана и од институциите и од невладините за некооперативност во поглед на спроведување на мерки за заштита на природното и културно наследство на регионот. Општината не достави инвентар на дивоградби до Министерството за транспорт и врски, градоначалникот своевремено изјави дека во Струга нема ниту една дивоградба, иако според Ревизорскиот извештај, до септември 2020 г. во Струга во постапка биле 2.775 предмети за легализација.  Плажите функционираа и не беа отстранети платформите и времените објекти што според градоначалникот е во функција на развој на туризмот и не биле пречка за имплементација на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот регион.