Евроамбасадорот Рокас шокиран од размерите на проблемот со струшката депонија

Потребни се итни решенија за струшката депонија, која повеќе од две децении претставува сериозен еколошки и здравствен ризик за населението. Ова е заклучокот од денешната јавна расправа насловена „Од дива депонија до европско решение”.
На иницијатива на невладините организации, депонијата денес ја посетија евроамбасадорот Рокас и градоначалникот на Струга, Менди Ќура. Рокас порача неопходно итно да се најде решение за овој долгогодишен проблем.

„Најнапред да кажам дека сум прилично шокиран од размерите на проблемот. Знаев дека депонијата не ги исполнува стандардите, но сознанието дека се наоѓа толку блиску до градот, на само неколку стотини метри од куќите, многу блиску до реката, до водоснабдителниот систем и до езерото, навистина е обесхрабрувачко”, рече Михалис Рокас, шеф на Делегацијата на ЕУ.
Во изминатите пет години, дивата депонија во Струга наместо да се намалува, пораснала за околу десет метри. Според експертите, трајното решение е нејзина целосна дислокација, додека изградбата на регионалната депонија во Новаци се смета за клучен чекор за решавање на проблемот.

„Решенијата за овој проблем се сосема јасни и се содржани во нашето вештачење, кое беше изработено од академик од областа на животната средина. Тоа подразбира целосна дислокација на депонијата, ревитализација и рекултивација на земјиштето под депонијата и околу неа, како и пошумување на целата локација.” – вели Глигорие Ќатоски, адвокат.
До реализацијата на трајното решение, локалната самоуправа уверува дека депонијата ќе се одржува за да се спречат нови пожари и дополнително загадување.

„Ние сме убедени дека кога ја одржуваме, нема да се пали. Веќе имаме фирма која ја одржува. Имаме отворен тендер, има фирма со име и презиме. Условот е тоа да не се пали сметта и да се одржува”, вели Менди Ќура, градоначалник на Струга.
За струшката депонија, Здружението на млади правници во 2021 година поднесе граѓанска тужба. Откако домашните судови се прогласија за ненадлежни, предметот заврши пред Европскиот суд за човекови права.


Новинар Соња Рилковска




