Езерото преполно со рибокрадци
Забранет риболовот, а охридските риби ексклузивна понуда во рестораните вдолж брегот на езерото. Иако на сила е мораториум за риболов, на Охридското Езеро нема концесионер и рибочувари. Невладините велат, токму затоа езерото е преполно со рибокрадци, кои во трката по профит го пустошат рибниот фонд не водејќи грижа за опстанокот на рибите, од кои некои се живи фосили.
Од друга страна, полицијата врши зачестени акциски контроли за справување со рибокрадството. Само во првите 3 месеци годинава, пронајдени и одземени се 27 рибарски мрежи, а поднесени се кривични пријави против четири лица.
„Од нивните контроли извршени во водите на Охридското Езеро и во крајбрежјето, пронајдени се и одземени 227 рибарски мрежи во должина од 13.700 метри со вкупно уловена риба од 123,5 кг охридска пастрмка и други видови риба“ – вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.
Најголемиот број на акциите се случуваат на источниот брег на езерото, додека отсуствуваат на потегот Струга – Калишта – Радожда, каде непречено делуваат рибокрадците, велат од невладините организации, кои бараат засилени контроли во струшко.
„Нема селективност дали контролите се спроведуваат на охридскиот или струшкиот дел на езерото. Тие се спроведуваат во различно време, дел од денот и ноќта, аналогно на оние сознанија до кои доаѓаат полициските службеници“ – вели Димоски.
Лани езерската полиција спроведе 279 акциски контроли, одзеде 405 рибарски мрежи во должина од 26 километри, со 300 килограми риба. Седум лица заработија пријави за незаконит риболов. Најкритични точки каде се врши рибокрадство се струшко Радожда и Калишта.
Новинар Соња Рилковска