Исчезна бистата на Славко Јаневски од алеата на писателите во Струга
Исчезна бистата на поетот Славко Јаневски во Струга. Спомен обележјето на истакнатиот македонски поет, веќе го нема во Алеата на писателите на кејот на реката Црн Дрим. Сомнежот е дека бистата е украдена, бидејќи имало обид и за кражба на другите споменици на поетските великани.
Настанот го осуди директорот на националната установа „Струшки вечери на поезијата“, кој случајот го пријави во полиција.
„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистатата на нашиот истакнат поет Славко Јаневски. Како и обидот за кражба на бистите на Ацо Шопов, Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од каде очекуваме да бидат откриени и казнети сторителите“, – вели Тодорче Тасевски директор на „Струшки вечери на поезијата“.
Од поетската манифестација најавија дека заедно со Општина Струга и полицијата ќе воведат засилени мерки на обезбедување на локацијата како и организирање кампањи за подигнување на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата.
„Бистите на Ацо Шопов и Сергеј Есенин, привремено ќе бидат дислоцирани додека не се осигураат поцврсто и да бидат вратени на нивните оригинални локации“, – додава Тасевски.
И во минатото се сквернавеле спомен обележјата во струшко. Пред две години бистата на Анте Поповски беше откорната и фрлена во водите на Охридското Езеро, додека на Славко Јаневски беше оштетена и свртена наопаку на постаментот.
Новинар Соња Рилковска
Осквернавени бистите на Анте Попоски и Славко Јанески во Струга | Портал ТВМ (tvm.mk)