Исчистена и затворена за отпад дивата депонија во Лабуништа
По децениско спалување и загадување на животната средина, конечно решен проблемот со дивата депонија во струшко Лабуништа. Локацијата е комплетно исчистена, поставени се еко табли за забрането одлагање отпад, но и камери за надзор. Акцијата за расчистување на децениската дива депонија во Лабуништа ја поддржаа еколошките друштва, жителите и бизнис заедницата.
Отпадот од најголемото село во земјава, кое брои 9000 жители ќе се транспортира на струшката депонија.
Сметаме дека со ова се решава голем долгогодишен проблем од еколошки апсект и за сегашните и за идните генерации оставаме почиста животна средина нашите идни генерации – вели Фатмир Мавмудоски, директор на ЈП „Хигиена” Лабуништа.
Транспортот на сметот од Лабуништа до Струга ќе ги зголеми трошоците на ЈП „Хигиена”, но од таму велат ова е засега најдоброто решение.
Имаме дополнителни трошоци, но со зголемена наплата со поддршка од општината имаме можност да се носиме со овој потег. Месечно ќе се транспортираат околу 60 метри кубни пресован отпад затоа што имаме специјално товарно возило во кој се пресува – додава Мавмудоски.
И струшката депонија која е лоцирана во самиот град е нестандардна и дива, но организирана и редовно се одржува, велат од општината. Активистите пред една година поднесоа граѓанска тужба против депонијата во Струга која тврдат дека ја загадува водата почвата и има штетни последици врз здравјето на луѓето.
Новинар : Соња Рилковска