Иста програма, исти проблеми
Во Струга владее хаос во поставувањето на урбаната опрема. Неколку години во оваа сфера затајува Локалната администрација, инспекциските служби гледаат низ прсти, реагираат советниците на ВМРО – ДПМНЕ и ДПА.
Поставувањето на урбаната опрема, хроничен проблем во Струга. Изминативе 4 години во оваа сфера владее хаос во вистинска смисла на зборот, реагираат од советничката група на ВМРО – ДПМНЕ. Години наназад укажуваме на пропустите кои се прават од страна на Локалната самоуправа, од каде не убедуваа дека имаат капацитет да се справат со проблемот, дававме наши забелешки, но досега не се најде начин проблемот да се реши, вели Јулијана Зуноска, советничката на ВМРО – ДПМНЕ. Таа додава дека програмата за поставување на урбана опрема за 2013, е копија на онаа од минатата година, и да не беше смешно бидејќи лани програмата се усвои во јуни за време на сезона, годинава е трагично бидејќи истата се става на дневен ред во февруари, од добро познати причини. Зуноска нагласува дека проблемите со поставувањето на урбаната опрема во градот се големи и дека и тие како советници немаат јасна слика што се случува на терен, за која опрема е помината дозволата, која опрема е отстранета а која не и слично. Има околу 150 објекти за кои не е дефинирано дали се времени објекти или урбана опрема, бидејќи има разлика во процедурата и дозволата за поставување на времен објект и урбана опрема, додава Зуноска.
Програмата за поставување урбана опрема не се почитува и немавме став истата да помине како точка на дневен ред на последната седница на струшкиот совет, вели Сурија Рушити од ДПА.
„Причините се доста големи бидејќи програмата не се почитува имаме еден хаос во поставувањето на урбаната опрема сега сме пред избори се надеваме дека ќе имаме нов градоначалник кој ќе воспостави ред“.
Градоначалникот на општина Струга Рамиз Мерко, смета дека програмата за урбана опрема не е прерано донесена.
„Веќе пристигнати се барања за веќе постоечките објекти од урбана опрема за да добијат договор за наредната година за да можат да ги искористат, воопшто не е брзо можда е потребно таа да се носи и пред почетокот на годината“- вели Мерко.
Согласно одлуката на локални власти, на територијата на општина Струга во текот на 2013 година ќе може да се поставува урбана опрема на државно неизградено земјиште, без право на стекнување сопственост, и тоа како монтажно – демонтажни објекти, летни дискотеки, објекти за продажба на сувенири, весници, цвеќе и сладолед, информативни паноа, како и сплавови и платформи. Минималната широчина на јавната површина на која може да се поставува урбана опрема изнесува 3,2 метри, а додека пак минимумот од 4,5 метри за типизирани објекти.
{loadposition content9}