Измина рокот за препораките на УНЕСКО, Струга не презеде активности
Измина рокот за спроведување на препораките на Унеско, Струга не презеде конкретни активности, обвинува опозицијата. Не е изработен регистар на дивоградби, кои според неофицијалните бројки во градот и околината ја надминаа бројката од 1000. Продолжува претераната урбанизација, но и узурпација на атрактивните локации на крајбрежието.
Не се уриваа платформите во вода, а угостителските објекти на плажите работаат преку целата година.
Кога станува збор за општина Струга како ние да сме во некоја друга држава. Законите не важат и не се применуваат. Ова особено се однесува на Законот за градење во Струга има илјадници бесправно изградени објекти, плажите се буквално узурпирани нема слободно место. Градските плажи што се општ интерес се узурпирани од локални моќници – вели Ален Деребан, претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ Струга.
Полицијата изминативе неколку месеци поднесе повеќе кривични пријави за узурпација на крајбрежието и нелегално поставување на урбана опрема на плажите.
Во однос на ова казнено дело во текот на изминатите две години на подрачјето на Струга поднесени се 6 кривични пријави против девет лица, додека на подрачјето на Охрид поднесени се 14 пријави против 22 лица – вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Невладините апелираат, покрај полицијата и инспекциските служби треба да се заложат за спречување на узурпацијата на атрактивното земјиште во градот.
Од општина Струга велат угостителските објекти на плажите имаат договори и плаќаат закупнина на општината.
Новинар : Соња Рилковска