Skip to main content

Јубилејното 10. издание на Drim Short Film Festival ќе се оджи од 5 до 9 август

Во текот на пет фестивалски денови, програмата ќе се реализира на повеќе локации низ градот: Паркот на поезијата, Europe House Struga и Кафе бар Дуќан.

Од 5 до 9 август ќе се оджи јубилејното 10. издание на Drim Short Film Festival во Струга, фестивал кој веќе една деценија ја збогатува културната сцена, ги поврзува авторите и публиката и ја афирмира филмската уметност.

-Десет години пловиме… Имавме мирни утра каде што сѐ изгледаше можно, но имавме и бури што нѐ тестираа дали веруваме во она што го создаваме. Секој бран нѐ научи да пловиме подобро, секоја капка слеана во нашето езеро ни даде надеж и го правеше нашето езеро поголемо. Со многу љубов кон филмската уметност, секоја година заедно со нашата публика и нашите драги филмски пријатели стануваме еден мал брег каде што филмот станува дел од летото на Струга и дел од приказната на сите што поминале низ него. Секоја година ја боиме реалноста со малку убавина. Затоа, оваа година не славиме само јубилеј. Ги славиме сите капки слеани во ова наше езеро – секој автор, секој филм, секој гледач, секој волонтер. Ниту една приказна не се создава сама, велат организаторите.

Во текот на пет фестивалски денови, програмата ќе се реализира на повеќе локации низ градот: Паркот на поезијата, Europe House Struga и Кафе бар Дуќан.

Општина Струга во нивното соопштение им посакува успешно јубилејно издание на организаторите и ги поканува сите љубители на филмот да бидат дел од ова значајно културно случување.

Инаку, генерален покровител на овогодинешното издание на фестивалот е Агенција за филм на Северна Македонија.