Skip to main content

Казна 5000 евра за поранешниот градоначалник на Струга за поставувањето на спорната спомен-плоча на општинската зграда

5000 евра казна за поранешниот струшки градоначалник Рамиз Мерко, за поставувањето на спорната спомен-плоча на општинската зграда. Судот утврдил одговорност. оценувајќи дека плочата поттикнува или разгорува верска и етничка омразa.
 |  инфодеск  | 

Поранешниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко  осуден на парична казна од 5.000 евра за поставувањето на спорната спомен-плоча на зградата на Општина Струга. Судот утврди одговорност, оценувајќи дека плочата поттикнува или разгорува верска и етничка омраза. Иако во случајот нема регистрирани конфликти, инциденти или други последици, судот оценил дека за стореното дело не е неопходно да постои последица.

„Факт е дека за овој случај се воделе две постапки, од кои едната била прекршочна, меѓутоа таа се поврзува со незапазување на процедурата за подигнување на спомен-обележјето и за таа е издаден прекршочен платен налог.Меѓутоа, тоа се однесува на било какво спомен-обележје, вклучително и на оние коишто не поттикнуваат или разгоруваат верска и етничка омраза”- кажа Јордан Јованов – судечки судија, Основен суд Струга.

Како клучен доказ судот го посочува и мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, кое било оспорено пред Управниот суд, но тужбата била одбиена, а одлуката потврдена од Вишиот управен суд.

„Мислењето е валидно, останува во сила, а е изготвено врз база на мислење на стручни лица од Институтот за национална историја, од каде што е побарано мислење дали она што го симболизира таа плоча може да поттикнува или разгорува верска или етничка омраза.”– посочи судечкиот судија Јованов.

Спорната мермерна плоча, беше поставена на влезот на општинската зграда, испишана само на албански јазик, со натпис „Основно училиште Битолски конгрес, 1 септември 1941 година”, кој се однесува на периодот кога Струга била под окупација на Италија и Кралството Албанија..

Новинар Соња Рилковска