После еден век од изградбата, фрескоживописан манастирот Свети Јован Владимир во струшко Подгорци. Тоа е единствениот храм во земјава посветен на овој значаен светител. Црквата е изградена во 1925 година, врз темелите на дамнешен параклис. Издигната во дабовата шума на источната падина на Јабланица на 910 мнв, на 15 тина километри од Струга.
На ѕидовите денес се насликани велелепни и уникатни фрески, кои ги нема никаде во светот, а тие живописно го отсликуваат житието на светителот Јован Владимир. Фреската одење на лов, визијата на Свети Јован Владимир во дабовата шума, чудесното враќање на светителот во Дукља, венчавањето со Самоиловата ќерка Косара се дел од фреските кои идните векови ќе сведочат за ова прекрасно дело.
„Направив најдобро што можев, 16 месеци вкупно работа која е направена надвор од она што досега сум го правел. Уникатни фрески кои не постојат и не може да се најдат со додавање одземање во соработка со професорот Сашо Цветкоски кој ми помогна сето ова да биде перфектно дотерано. Мојата ументост и неговото теолошко знаење до перфектна дотераност. Не е лесно ова да се сработи но кога ќе се види крајот се се заборава”, вели Тони Милцов зоограф.
Јован Владимир бил кнез, владетел на Дукља, од затвореник станал зет на царот Самоил. Култот кон овој светител во подгоречкиот регион живее и ден денес, се верува дека токму на каменот во дворот на црквата се вљубиле Владимир и Косара.
„На старо вакавско место е изграден овој храм посветен на Свети Јован Владимир и е во земјава единствен храм кој што е псоветен на овој светител, за кој што знаеме дека неговиот култ е многу голем кај нас но и на целиот балкан, во Албанија, Црна Гора. Неговото име се слави и величи во православниот свет, еве фала на Бога дојде и тој ден да дојде храмот во сета своја велелепност”, раскажува свештеникот Димитрија Павлески.
Во 2021 година манастирот целосно беше ограден со монументална камена градба, уреден е надворешниот дел и ајатите со целосна донација на Вадимир Пупиноски од Охрид, синот на популарниот пејач на народни песни Секула Пупиноски, кој потекнува од селото Подгорци. Се возобнови и стариот конак, а направена е и кујна, денес има и асфалтиран пат.
„Ми причинува големо задоволство што еве конечно ја завршуваме уредувањето, реставрирањето и фрескописувањето на храмот на црквата Свети Јован Владимир. Моите корени потекнуваат од Вевчани и Подгорци и сакам да им се заблагодарам на сите на иницијативниот и на црковниот одбор од селото што ми пружија ваква прилика да помогнам со возобновувањето на овој манастир и оваа црква“, вели Владо Пупиноски инвеститор.
За Подгорци овој манастир има огромно значење, како едно вредно верско место, историско и културно место каде што повеќе пати во годината се собираат верниците. Мештаните велат сакаат да го афирмираат и промовираат вековниот храм, да го посетуваат верници и туристи од земјава и светот.
„Очекуваме во наредниот преиод откако ќе се завршат сите овие работи поголема посетеност не само од Македонија, туку и од регионот, од Србија, Црна Гора, Албанија бидејќи овој светец има значење и за другите народи на Балканот не само за македонскиот. И поради тоа очекуваме во наредниот период поголема посетеност”, вели Дарко Стрезоски жител на Подгорци.
Патрон на црквата е денот посветен на светителот, а тоа е 04 јуни, кога ќе има преосветување, со богослужбата ќе чиноначалствува Владиката Тимотеј, а предвидена е и богата културно уметничка програма.
Новинар Соња Рилковска