Келнери и кувари од регионов оваа сезона на Јадранот
Огромен број на работници од охридско-струшкиот регион оваа сезона работат на Јадранот. Готвачот Никола Петрески од Струга е еден од нив. Ја затвори својата мини работилница за подготовка на оброци за фабрики и пред три месеци замина во Хрватска. За ТВМ раскажува дека таму секојдневно доаѓаат нови вработени од нашата земја. Готвачи, келнери, шанкери, бармени и собарици.
Платите за келнер со платен оброк и сместување се движат од 800 до 1100 евра. За готвач или главен готвач од 1800 до 3000 евра. Се е поголем бројот, бидејќи според мене, условите тука се поинакви. Навистина е можеби поскапо за живот, но се е поинаку. Дури и јас размислувам да останам тука за живеење – вели Никола Петрески, готвач од Струга.
Пресудно за иселувањето на стручниот кадар од угостителскиот сектор изминативе две години е повисоката плата. Велат со една сезона во Хрватска ја заработуваат годишната плата во Македонија.
Има многу такви кои се дојдени тука сезонски, а планираат да останат преку цела година. Мислам дека како работна класа ние сме барем во угостителскиот сектор добри, затоа што нивните заминаа надвор, така што ние од Македонија сега тука сме број еден. Се случи масовно иселување на угостителски сектор, најмногу поради работодавците кои не даваа во Македонија поголема плата од 800 евра. Овде е сосема друго, голема е разликата, сите дојдовме поради финансискиот дел – вели Петрески.
Хотелиерите и угостителите на брегот на Охридското Езеро ова лето мака мачат да најдат соодветен персонал. Сезоната е во ек, а работна сила нема. Нема интерес ниту за проектот на ХОТАМ за дополнително сезонско вработување во угостителскиот сектор. Недостигаат над 1000 работници.
Новинар : Соња Рилковска