Кој ги сече шумите околу Струшко Вишни?
До редакцијата на ТВМ Пристигна допис од Месната заедница на Селото Вишни, во врска со големиот број еколошки и инфраструктурни проблеми со кои се соочуваат. Во продолжение во целост проследете го дописот на Месната заедница.
„Ви се обраќаме со надеж дека ќе бидете заинтересирани, да објавите прилог преку вашите гласила, со цел да ја разбудиме заедно јавната свест за голосекот и нелегалната сеча на Јабланичките шуми.“
„Месна Заедница с. Вишни, о.Струга, е мала заедница и е немоќна сама да се справи нити одбрани од големите предизвици со кои се соочува.
Како едно ретко сочувано село, со автентична архитектура, некогаш локален зимски центар, Вишни и околината заслужуваат грижа и можности за квалитетен живот и еколошка оддржливост.“
„Наспроти тоа, со години се соочуваат со кражба на шумите во нивниот атар, и како што можете да видите на приложените фотографии, целосно соголување на шумските површини (голосек). Покрај овој проблем кој има и голем штетен ефект кон природната рамнотежа во околината, тука се и проблемите со инфраструктурата, (патишта, одлагање на отпад, реконструкција на планинскиот дом) која никако да стане приоритет, иако за целиот регион околу Вишни, се изработени иницијативи и елаборати, за прогласување на парк на природата, а самата Јабланица, Национален парк.“
Со почит, Месна Заедница, с. Вишни, Струга