Skip to main content

Во Струга на 23. Конференција на КОСАП усвоена декларација за регионално партнерство и реформи за европска интеграција

На 23-та Конференција на парламентарните комисии за европски прашања во Струга, се отвори дебата за заедничкиот регионален пазар, инфраструктурното поврзување и политичката стабилност, со посебен акцент на германско-францускиот предлог за т.н. скалеста интеграција во ЕУ. Учесниците порачаа дека без регионална координација нема побрз европски напредок, а интеграцијата во единствениот европски пазар се гледа како клучен економски поттик за целиот Западен Балкан.
 |  инфодеск  | 

Регионалната соработка е клучен предуслов за европските интеграции, економски развој и побрз напредок на државите од Западен Балкан. Ова е една од главните пораки од 23-та Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција и европски прашања (COSAP), која денес се одржува во Струга.

Претставници од парламентите на земјите од Југоисточна Европа, дискутираат за воспоставувањето на заеднички регионален пазар.

Посебен фокус беше ставен на германско-францускиот предлог за т.н. скалеста или фазна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија.


„Како регион, доколку имаме добра координација и напредок, тоа ќе ни ја олесни и комуникацијата со Европската Унија, особено по најновите предлози дадени од Франција и Германија за т.н. скалеста интеграција во различни проекти и сектори. Посебно би го издвоил заедничкиот регионален и европски пазар како една целина. Доколку успееме да се интегрираме во тој единствен европски пазар, тоа ќе биде силен поттик за економските потенцијали на сите земји во регионот“
, истакна потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски.

Пораката од Европската Унија е дека процесот на пристапување на Западен Балкан кон ЕУ треба да се унапреди.


„Сите знаеме дека заложбите направени во 2022 година треба да се спроведат, а постои силна определба Северна Македонија да го започне пристапниот процес. Нема сомнеж дека земјата припаѓа на европското семејство. Работиме активно за да се исполнат неопходните услови и да се оди напред“, истакна амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас.


„Што се однесува до предлогот на Германија и Франција, сметам дека секоја земја која спроведува реформи мора сама да го одреди најдобриот пат кон ЕУ. Интеграцијата во заедничкиот пазар е корисна и претставува сила, но тоа не е крајната цел. Крајна цел е полноправно членство и целосна интеграција во Европската Унија и на тој пат Хрватска ќе продолжи да дава силна поддршка“, истакна претседателката на Комисијата за европски прашања на Хрватскиот парламент, Јелена Милош.

На конференцијара беше усвоена заедничка декларација со заклучоци и препораки за регионално партнерство и заеднички реформи за европска интеграција.

Новинар: Соња Рилковска