Лабуништани градат од самодоприност, не помага ниту централната ниту локалната власт
Централната Власт нема ниту цигла поставено во Лабуништа и покрај предизборните ветувања кои години наназад ги добиваат од политичките партии, реагираат лабуништани. Исто така претседателот на Месната заедница Алија Тасими пренесе дека ниту од локалната власт не се слева ниту денар во нивната каса и покрај договорот со струшкото локално раководство.
Со доаѓањето на Зијадин Села на струшката градоначалничка позиција, во Лабуништа, струшко, после пауза од 15 години повторно функционира Месна заедница. Формирање на заедница која ќе се грижи за потребите на граѓаните беше повеќе од неопходно вели нејзиниот претседател Алија Тасими, бидејќи според него, Лабуништа е едно од најголемите населени места во републикава. Но Тасими, за ТВМ открива дека работите не тргнале во посакуваната насока и воопшто не бил испочитуван договорот, со актуелниот градоначалник.
„Немаме никаков паричен надомест од општина Струга конкретно за месната заедница. Градоначалникот на општина Струга во својата предизборна кампања ветуваше дека претседателот на МЗ ќе биде платен но затоа до сега нема слух“ – вели Тасими.
И покрај тоа што не наишле на разбирање со општинските власти околу финансискиот дел, Тасими вели дека посветено се грижат за административните работи за нивната населба. Нагласува дека и со централната власт немаат соодветна комуникација и потсетува дека Владата не треба да заборави дека лабуништани имаат свој доприност во буџетот на државата.
„Мораме да кажеме дека ние не сме задоволни од комуникацијата со централната власт, затоа што сите предизборни ветувања што ги даваа посебно до ДУИ која е долги години на власт во централната власт а со години влечи гласови од Лабуништа и не ни одговори на нашите потреби во многу работи. Се што ќе видите во Лабуништа тоа го имаат правено граѓаните 90% сами преку самодопринос од 1995 до 2000 година. Имаме изградено комплетна канализациона мрежа и реконструкција на водоводна мрежа со наш самодопринос. Немаме инфраструктура кој ја направи централната власт“ – додава претседателот на Месната заедница.
Тасими вели дека лабуништани се многу револтирани на ваквиот индолентен однос како на градската така и на централната власт, бидејќи ниту едните ниту другите не можат да се пофалат со некаков капитален проект за изградба на објекти кои се во интерес на месното население во Лабуништа.