Лабуништани загрижени за прекумерната сеча на дрва
Прекумерна сеча на дрва во Лабуништа. Оваа појава веќе ја загрижува месната заедница и жителите и реагираат, надлежните да излезат од своите канцаларии и на терен да видат што се случува. Тие стравуваат дека покрај тоа што ќе исчезнат белите дробови на населбата ќе биде загрозено и водоснабдувањето.
Немилосрдно се уништува шумската површина во Лабуништа, струшко, реагира месното население. Претседателот на Месната заедница Алија Тасими, вели дека не се против работата на ЈП „Македонски Шуми“ да стопанисува со шумите, меѓутоа боде очи начинот на кој тоа го прават, надлежните во Струга. Тој вели дека и покрај тоа што протестирале пред струшкото шумско стопанство и оствариле неколку комуникации со директорот, тоа досега не вродило со никакви резултати, па го повикуваат директорот да дојде на лице место на терен, да види што се случува и да преземе соодветни активности за спречување на, како што велат, безредието при сечата.
„Имаме прекумерно сечење на дрва, имаме корупција во шумското стопанство во Струга и имаме една состојба што ако продолжат со ова темпо ние ќе имаме проблем и со водата“ – вели Тасими.
Сите надлежни институции од министерство до инспекторат се уредно известени со дописи, но засега немаат слух за нашиот проблем категоричен Тасими. Тој посебно е револтиран на индолентниот однос на Судските установи.
„Ова морам да го кажам, дури за жал и во судот имавме поднесено тужба за непознат сторител… Ние немаме проблем со дрвокрадците ние имаме проблем со стопанисуването на Шумско стопанство Струга, со надлежните, тие го правот масакрот во шумата. Дури ни судот не сакаше да ни ги прими тужбите“
Тасими е гневен на надлежните и вели дека недопусливо е со шумата да се стопанисува на ваков начин, како што досега тоа го прави директорот. Според него јавна тајна во Лабуништа било дека ако се маркираат на пример 1000 кубни метра дрва, 300 се инкасираат на сметката од шумско Струга а останатите завршуваат во приватни џебови. Неговите размислувања се дека од струшкото шумско стопанство мора да соработуваат и комуницираат со МЗ во Лабуништа за годинава да не се дозволи прекумерно сечење на дрва.