Skip to main content

Повторно активирани каменоломите

Лабуништани најавуваат масовни протести

Лабуништани се закануваат со масовни протести, откако повторно се активира механизацијата на каменоломите во селото. Месното население повеќе од една деценија води битка против работата на петте каменоломи во селото, кои ја загадуваат почвата, водата и имаат штетни последици врз здравјето нa луѓето. Во 2020 година владата им ги раскина концесиите, но од пред неколку месеци тие повторно започнаа со работа. Од министерството за економија велат Управниот суд ја поништил одлуката на Владата поради едностран раскин на договорите за концесија.
 |  инфодеск  | 
Багер на каменолом во Лабуништа

По две и пол годишна пауза, повторно се активира механизацијата на каменоломите во струшко Лабуништа. И покрај одземените концесии, се врши минирање, ископување и експлоатација.

Со години еколозите бараат затворање на каменоломите, кои поради ископување предизвикуваат големи количини прав, кој го труе населението.

Мештаните, бараат итно да прекинат со работа, во спротивно најавуваат масовни протести, бојкот на настава и блокади на патиштата.

Ќе мораме да примениме радикални мерки со блокирање на патишта и уште полошо, населението бара бојкот на наставата на основното и средното образование. Ова го велам затоа што нашите институции немаат никаков слух и ова население е оставено како да не постои на овој свет – вели Алим Салоски, претседател на Здружението „Натура-лаб” Лабуништа.

Жителите на Лабуништа повеќе од една деценија водат битка против работата на петте каменоломи во селото, кои ја загадуваат почвата, водата и имаат штетни последици врз здравјето на населението, што потврдуваат резултатите од направени анализи.

Повратниот одговор од тоа испитување е дека и водата и почвата е загадена. Навистина треба да се разгледаат сите можности дали тие каменоломи работаат легално или нелегално – додава Салоски.        

Владата во мај 2020 година им ги раскина договорите за концесија на каменоломите и им забрани работа, но од март годинава повторно се активира механизацијата.

Од министерството за економија велат Управниот суд ја поништил одлуката на Владата поради едностран раскин на договорите за концесија.

Министерството за економија повторно побара од Државниот инспекторат за техничка инспекција да изврши увид, согласно напатствијата дадени во пресудите на управниот суд. По добивањето на одговор од Инспекторатот, ќе ја известиме јавноста, стои во одговорот на министерството за економија.

Новинар : Соња Рилковска